Инфлацијата и цените на производите во земјава се контролираат и засега нема потреба од нови мерки. Владата ги намали акцизата и ДДВ-то на горивата. Последното зголемување на цената на дизелот е според светските берзи, а ние се фокусираме цената да остане пониска од соседните земји во Регионот, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.
Ристески нагласува дека за некои мерки претходно се потребни целосни анализи и вели дека Владата нема да дозволи уништување на животниот стандард и куповната моќ на граѓаните.

-Ние гледаме тоа ниво на цената на горивата да го одржиме пониско во однос на соседните држави и да не предизвикаме еден импут кој би бил галопирачки во однос на зголемувањето на цените на другите производи, конкретно, прехранбените производи. Доколку има потреба за одредени мерки, ние имаме законски можности тоа да го направиме во иднина како предлог на Министерството за економија и труд или како предлог на Владата исто како и досега што се грижевме за животниот стандард на граѓаните со одредени мерки. Но, да повторам: мерките треба добро да бидат анализирани, добро размислени, да не предизвикаат подоцна поголема инфлација или, пак, уништување на кревката македонска економија, бидејќи Владата нема да дозволи уништување на животниот стандард и куповната моќ на граѓаните, како што во блиското минато кога имавме слични светски економски кризи и имавме двоцифрена инфлација, галопирачки од на цените и комплетно уништување на животниот стандард и куповната моќ на граѓаните, изјави Ристески.
Според него, со ограничувањето на акцизите и ДДВ- то, имаме најевтини нафтени деривати во Регионот, а тоа го покажува и фактот што голем број граѓани од соседните држави купуваат гориво од Македонија. Преку овие мерки има заштеда и на транспортните трошоци кои се вкалкулираат и во цените на производите, посебно на прехранбените производи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата