МАЈКА ОСУДЕНА НА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР за убиство на тригодишната ќерка и оставање на телото во море во Грција

Vecer | 19.11.2026

МАЈКА ОСУДЕНА НА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР за убиство на тригодишната ќерка и оставање на телото во море во Грција
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Триесет и тригодишна жена е осудена на доживотен затвор за убиството на својата тригодишна ќерка, чие тело во јули 2025 година беше пронајдено во морето кај плажата Едем, во крајбрежното атинско предградие Палео Фалиро, Грција.

Судот со мешан поротнички состав во Атина едногласно ја прогласил за виновна, отфрлајќи ги сите олеснителни околности.

Обвинетата, која е државјанка на Алжир, го негирала убиството. Таа тврдела дека девојчето се повредило при пад во бањата во нивниот дом и дека, мислејќи оти е мртво, одлучила да го остави телото во морето, откако му облекла костим за капење. Според нејзиното објаснување, верувала дека морето ќе биде подобро за душата на детето, согласно со нејзиното сфаќање на исламот.

Жената изјавила и дека се плашела оти пријавувањето на случајот ќе доведе до тоа да го загуби старателството над другите две малолетни деца. Обвинителот, сепак, ја оспорил нејзината верзија, тврдејќи дека девојчето сè уште било живо кога било ставено во водата. Тој се повикал и на сведочења од сосед, директорот на училиштето и сестрата на починатото девојче, кои опишале случаи на злоупотреба и занемарување.

Обвинителот ги отфрлил и тврдењата на жената дека за злоупотребата бил одговорен нејзиниот 33-годишен партнер.

„Не го однела детето во болница, не отишла во полиција ниту контактирала со сосед“, изјавил обвинителот пред судот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk