Драматични сцени утрово беа снимени откако избувна пожар на грчки траект што превезувал камиони и автомобили северно од Миконос, објави „Грик сити тајмс“.
Пожарот избувнал околу 9 часот во една од гаражите на бродот „Блу Кериер 2“, а надлежните истражуваат дали камион можеби бил причина за пожарот.
На бродот имало 29 луѓе, од кои 28 членови на екипажот и еден возач на камион. Сите биле евакуирани во чамците за спасување, а подоцна биле преземени од бродови што се нашле во близина и безбедно пренесени на островот Тинос.
Снимките од внатрешноста на бродот покажуваат членови на екипажот како се обидуваат да го изгаснат пожарот додека чадот ги исполнува делови од бродот.
Нема пријавено загинати или повредени. Откако сите луѓе биле безбедно евакуирани, спасувачките екипи се фокусирале на гаснење на пожарот и на спречување евентуално загадување на морето.
Причината за пожарот засега се истражува.
„Блу Кериер 2“ бил изграден во 1997 година и е долг околу 162,5 метри. Во моментот на пожарот превезувал 166 камиони и 29 автомобили.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата