logo
logo
logo

ЈА УБЕДИЛЕ ДЕКА СПАСУВА РОДНИНА, ОСТАНАЛА БЕЗ 45.000 ЕВРА: Пензионерка во Грција оставила пари и накит во контејнер за ѓубре

Vecer | 20.10.2026

ЈА УБЕДИЛЕ ДЕКА СПАСУВА РОДНИНА, ОСТАНАЛА БЕЗ 45.000 ЕВРА: Пензионерка во Грција оставила пари и накит во контејнер за ѓубре

Лажни полицајци измамиле 75-годишна жена од Лариса, во централна Грција, убедувајќи ја да остави 45.000 евра и накит во контејнер за отпад, откако претходно телефонски ја контактирало лице кое се претставило како нејзина роднина на која ѝ биле потребни пари поради сообраќајна несреќа, пренесуваат грчките медиуми.

Непозната жена во првиот телефонски разговор тврдела дека нејзината роднина е повредена во сообраќајна несреќа и се наоѓа во болница, поради што ѝ се потребни пари, пренесува „Прототема“.

Набргу потоа, ја повикал маж кој зборувал лош грчки јазик и ѝ се заканил со смрт доколку не му ги предаде парите. Потоа следел и трет повик, овојпат од маж кој се претставил како полицаец од одделот за сајбер-криминал.

За да звучи поверодостојно, лажниот полицаец ѝ ги кажал своето име и презиме и ѝ рекол дека е заедно со нејзиниот сопруг, како и дека полицијата се обидува да ги пронајде лицата кои претходно ѝ се заканувале и се обиделе да ја измамат.

Откако успеале да ја убедат дека соработува со полицијата, измамниците ја стекнале нејзината доверба и ја навеле да ги собере парите и скапоценостите од својот дом.

Жената издвоила 45.000 евра и неколку парчиња накит, меѓу кои медалјон, ѓердан и венчални прстени. Сето тоа го ставила во кеса и го оставила во контејнер за отпад пред својата куќа, како што ѝ наложиле измамниците.

Нивни соучесници потоа дошле до контејнерот и ја однеле кесата со парите и накитот, додека жената останала во домот и ги следела телефонските инструкции што ги добивала.

Полицијата во Лариса предупредува дека во последно време е забележан пораст на телефонските измами, особено оние насочени кон повозрасните лица.

Измамниците користат различни методи и се претставуваат како роднини, вработени во електродистрибутивни компании, даночни службеници или полицајци.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk