Само две недели по отворањето фабрика за производство на роботи по кинески дизајн во Шабац, српската војска на големата воена вежба „Победник 2026“ прикажа вооружени четириножни роботи кои дејствуваат заедно со војниците.
Роботските кучиња беа прикажани на 13 септември на полигонот Пештер, откако српскиот претседател Александар Вучиќ на отворањето на фабриката на 29 август најави дека вооружени роботи по кинески дизајн ќе бидат ставени во служба на војската „во рок од 15 дена“.
На снимките од вежбата се гледа како четириножните роботи се движат по теренот, пукаат од автоматско оружје и влегуваат во објекти заедно со припадници на специјалните единици.
Вучиќ по вежбата изјави дека за првпат бил прикажан напад со роботизирани и беспилотни системи, при што роботските кучиња биле опремени со различни видови оружје.
Според него, на платформите биле поставени револверски фрлач на гранати, ракетни фрлачи „Зоља“ и митралез од 7,62 милиметри. Во извештаите за вежбата се наведува и употреба на противоклопни средства од типот „Оса“.
„Денеска за првпат можевте да видите напад на роботизирани, беспилотни и далечински управувани системи – практично како изгледа напад врз цела населба без ниту еден човек“, изјави Вучиќ по вежбата.
Тој призна дека стабилизирањето на роботските кучиња за прецизно гаѓање било тешко, но рече дека српската војска успеала да интегрира повеќе видови оружје на платформите.
Роботите по изглед потсетуваат на моделот D1 Max Pro на кинеската компанија „AgiBot“, која е партнер во новата фабрика во Шабац. Сепак, засега не е јасно дали роботите употребени на воената вежба биле составени токму во Србија. Војската на Србија не одговорила на прашањето на Радио Слободна Европа за нивното место на производство.
Фабриката во Шабац има план за производство на околу 3.000 хуманоидни и четириножни роботи годишно, а соработката со кинеските компании отвори прашања и за можната воена примена на технологијата.
Иако вооружените четириножни роботи изгледаат како значителен технолошки исчекор, експертите предупредуваат дека нивната реална борбена ефикасност сè уште е ограничена. објави Скопје1.мк
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата