Претседателот на Република Српска, Саво Миниќ, денеска го предложи Игор Додик за мандатар за состав на новата влада на овој ентитет во Босна и Херцеговина. Игор Додик е син на поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, кој го предводи владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД).
За изборот на владата ќе гласа Народното собрание на Република Српска, за што од денеска тече уставниот рок од 40 дена.
Игор Додик има 37 години и првпат се кандидираше на избори во октомври годинава. Како носител на листа на СНСД освои пратенички мандат, а во новиот состав на Народното собрание стана координатор на пратеничката група на партијата. Партиска функција има од февруари 2024 година, кога беше именуван за организациски секретар на СНСД, а потоа го предводеше и изборниот штаб. Во спортската јавност е познат како генерален менаџер на кошаркарскиот клуб „Игокеа“ и поранешен директор на регионалната АБА-лига.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата