Поранешниот црногорски претседател и премиер Мило Ѓукановиќ се споменува во досиејата поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, објавени од Министерството за правда на САД.
Ѓукановиќ се споменува во пораките што Епштајн наводно ги разменил со словачкиот политичар Мирослав Лајчак. Лајчак во една од пораките пишува дека претседателот на Црна Гора „очекува наша посета“.

Епштајн му одговара на Лајчак: „Можеби треба да му обезбедиме засолниште на Доналд“.
Лајчак одговара дека „слабата точка на Доналд е Црна Гора“.

Потоа Епштајн му пишува на Лајчак дека поранешниот адвокат на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп, Мајкл Коен и поранешниот советник на Трамп, Пол Манафорт, се „и двајцата виновни“ и напиша „почеток на крајот“.

За време на преписката, Епштајн му испраќа на Лајчак и линк од порталот „Њујорк пост“ со текст за Црна Гора и слика од Котор, а Лајчак одговара: „Ви кажав дека Црна Гора е одлична“.
Епштајн го прашал и Лајчак дали Ѓукановиќ е претседател или премиер на Црна Гора, а Лајчак одговорил дека тој е претседател.
Дел од пораките биле разменети на 21 август 2018 година, дел еден ден подоцна, а дел на 21 септември истата година.
Меѓу другото, Лајчак бил претседател на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), министер за надворешни работи на Словачка, претседател на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), специјален претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања, а бил и претставник на ЕУ за спроведување на референдумот за независност на Црна Гора.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата