Хаг денеска повторно е во центарот на вниманието на балканската јавност. Пред т.н. „Специјализирани совети на Косово” се очекува изрекувањето на пресудата во судскиот процес против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, овој пат за обвиненијата поврзани со попречување на правдата, нарушување на тајноста на судската постапка и обиди за влијание врз сведоци. Судското рочиште е закажано за 10 часот, а покрај Тачи, на обвинителната клупа се и поранешниот шеф на Разузнавачката служба на Косово (АКИ) – Башким Смакај, потоа поранешниот претседател на општина Малишево Исни Килај, како и Фадил Фазлиу, како и поранешниот Министер за правда на Косово, Хајредин Кучи.
Имено, станува збор за посебна постапка, која не треба да се меша со главниот процес за воените злосторства за време на војната во Косово во 1998 и 1999 година. Сепак, двата случаи се тесно поврзани, бидејќи обвинителството тврди дека “обидите за влијание врз сведоци биле насочени токму кон лицата кои требало да сведочат во процесот за воените злосторства”!
Како Хашим Тачи управувал со кланот од зад решетки?
Според обвинението, во периодот од април до ноември 2023 година, Тачи за време на посети во притворот наводно споделувал доверливи информации за сведоци на обвинителството и давал насоки за влијание врз нивните искази. Обвинителството тврди дека во активностите биле вклучени и останатите обвинети. Одбраната, пак, имаше можност да ги оспори наводите во текот на судската постапка.
Обвинителството побара шестгодишна затворска казна за Тачи, при што побара времето поминато во притвор да не му биде пресметано во евентуалната казна. За Башким Смакај, Исни Килај и Фадил Фазлиу се побарани по три години затвор, а за Хајредин Кучи девет месеци. Дали судијата ќе ги прифати овие барања или ќе донесе поинаква одлука, ќе биде познато по објавувањето на пресудата. Но, денешниот процес е само едно поглавје од долгата судска приказна што ја следи поранешната Ослободителна војска на Косово и нејзините политички и воени лидери.
Тачи веќе е осуден во Хаг на 25 години затвор за воени злосторства
Особено значаен е првотостепениот исход од главниот процес, во кој на 16 септември годинава Тачи беше осуден на 25 години затвор за воени злосторства. Истата постапка ги опфати и поранешните високи функционери на ОВК Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Весели доби 18 години, Красниќи 25, а Селими 13 години затвор. Вкупната изречена казна за четворицата поранешни команданти изнесува 81 година. Судскиот совет утврди одговорност за злосторства поврзани со незаконско лишување од слобода, тортура, сурово постапување и убиства. Според судските наоди, жртвите биле лица кои биле сметани за противници на ОВК или за соработници на српските власти, а меѓу нив имало Албанци, Срби и припадници на ромската заедница. Четворицата беа ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото.
Станува збор за првостепена пресуда, на која е дозволена жалба. Овие пресуди се дел од поширокото наследство на меѓународното правосудство во Хаг. Поранешниот Меѓународен кривичен трибунал за поранешна Југославија, кој престана со работа во 2017 година, водеше бројни процеси за злосторствата во војните на просторот на поранешна Југославија. Меѓу осудените се Слободан Милошевиќ, против кого постапката беше прекината поради неговата смрт пред донесување пресуда, Радован Караџиќ, Ратко Младиќ, Милан Мартиќ, Никола Шаиновиќ, Властимир Ѓорѓевиќ и бројни други политички, воени и полициски функционери. Караџиќ доби доживотен затвор, како и Младиќ, додека Шаиновиќ беше осуден на 18 години, а Ѓорѓевиќ на 18 години по жалбената постапка.
Меѓународните судови ја утврдуваат индивидуалната, а не колективната одговорност
Во процесите поврзани со Косово, посебно внимание привлекоа и постапките против припадници на ОВК. Лахи Брахимај беше осуден на шест години затвор, а Харадин Баља на 13 години. Од друга страна, Рамуш Харадинај, Идриз Баљај и Фатмир Лимај беа ослободени од обвиненијата во постапките во кои беа судени. Овие разлики покажуваат дека меѓународните судови ја утврдуваат индивидуалната, а не колективната одговорност. Специјализираните совети на Косово, кои работат во Хаг, се посебна судска институција, формирана за процесуирање на кривични дела поврзани со извештаите за злосторства за време и по косовската војна. Нивната работа предизвика силни политички реакции во Приштина, но и пошироко во регионот, вклучително и во нашата држава. Денешната пресуда против Тачи затоа има значење што ги надминува рамките на еден судски предмет. Таа ќе покаже дали судот ќе утврди дека имало обиди за попречување на правдата и влијание врз сведоци, но истовремено ќе испрати и порака за односот на судството кон заштитата на сведоците и интегритетот на постапките, која порака има и специфична тежина и за нашата земја, поврзано за т.н. македонски „Хашки случаи“.
За Тачи, кој од командант на ОВК стана еден од највлијателните политичари на Косово, а потоа и претседател, ова е уште едно сериозно соочување со хашкото правосудство. Неговата политичка кариера, која со години беше претставувана како симбол на косовската независност, сега е обележана со две одделни судски постапки.Прашањето што останува отворено е дали денешната одлука ќе ја заокружи оваа фаза од судската битка или ќе отвори ново поглавје во долгогодишниот правен и политички спор околу одговорноста на поранешните лидери на ОВК и ОНА во Македонија?
Извор: Нова Македонија
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата