Товарен брод со сомалиско знаме со 12 членови на екипажот потона во Црното Море, на околу 40 наутички милји од ’ртот Калијакра. Сепак, спасувачката операција за извлекување на морнарите беше успешно завршена и сите луѓе на бродот беа спасени.
Сите 12 морнари од тонечкиот товарен брод BETUL 8 во Црното Море беа спасени во голема меѓународна операција покрај бугарскиот брег. На бродот во несреќа имало осум турски државјани и четири Азербејџанци, објави Бугарското национално радио.
Во моментов, сè уште нема официјални информации за тоа што точно се случило и каква била несреќата што довело до потонувањето на бродот.
Драмата на море започнала во 9:15 часот наутро, кога Центарот за координација на поморско спасување - Варна добил сигнал за помош од екипажот на BETUL 8. Бродот се наоѓал во бугарската ексклузивна економска зона на Црното Море, околу 40 наутички милји југоисточно од ’ртот Калијакра, а во својата порака морнарите известиле дека бродот тоне.
Според Министерството за транспорт и врски, четири воени брода од Морнаричката група за борба против мини во Црното Море (MCM Black Sea) веднаш биле испратени на местото на инцидентот - два бугарски, еден романски и еден турски. Операциите за спасување на екипажот биле координирани од Главната дирекција за итни и спасувачки активности при Извршната агенција на Поморската администрација.
Во воздушната операција учествувале и два хеликоптери „Кугар“ и еден авион „Су-25“ од бугарските воздухопловни сили, кои вршеле надзор и извидување на областа.
Товарниот брод BETUL 8, кој пловел под сомалиско знаме, во времето на инцидентот бил на пат од романското пристаниште Тулчеа кон Египет и носел речиси 3 тони рефусна пченица.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата