Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис присуствуваше на свечена литургија во митрополитанската црква во Серес, каде што официјално беа пречекани и изложени историските црковни реликвии кои Бугарија ѝ ги врати на Грција. Оваа репатријација е резултат на билатералниот меморандум за разбирање потпишан меѓу министерствата за култура на двете земји на крајот од септември 2026 година, со кој се стави крај на деценискиот спор за предметите однесени од бугарските воени трупи во 1917 година за време на Првата светска војна.
Бугарија ѝ врати на Грција вкупно 48 историски предмети од периодот меѓу 16 и 19 век, потекнуваат од манастирите „Свети Јован Крстител“ и „Панагија Икосифиниса“, како и од старата црква „Свети Теодор“. Меѓу репатрираните скапоцености се свети икони, процесиски крстови, литургиски одежди, резбан епископски престол, позлатени сребрени рипиди со византиски емајл, како и реликвијарот на Свети Дионисиј изработен од позлатено сребро. Предметите најпрво беа изложени во Музејот на византиската култура во Солун, по што пристигнаа на нивната крајна дестинација во Серес.
Враќањето на реликвиите беше реализирано како дел од директна размена – во замена за црковните богатства, Грција на 3 октомври во Солун ѝ предаде на Бугарија посмртни останки кои му се припишуваат на средновековниот цар Самоил, заедно со друг антрополошки материјал пронајден во 1965 година во базиликата „Свети Ахил“ на Преспанското Езеро. Мицотакис ги отфрли критиките од грчката јавност дека размената била нееднаква, истакнувајќи дека со оваа културна дипломатија се исправа историска неправда и се отвора патот за враќање на други историски ракописи кои сè уште се наоѓаат на бугарска територија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата