logo
logo
logo

(Видео) БАЛКАНОТ ГОРИ! - Големи пожари во Босна и Херцеговина, Србија и во Црна Гора, чадот стигна до Далмација

Vecer | 06.09.2026

(Видео) БАЛКАНОТ ГОРИ! - Големи пожари во Босна и Херцеговина, Србија и во Црна Гора, чадот стигна до Далмација

Повеќе големи пожари се активни во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а чадот од пожариштата во БиХ утрово стигна и до голем дел од Далмација, каде што жителите пријавуваат намалена видливост и силен мирис на изгорено.

Во Босна и Херцеговина во гаснењето се вклучени и хеликоптери на вооружените сили, кои од рано утринава дејствуваат кај Бихаќ, Калесија, Дрвар и Прозор-Рама. Во Бихаќ на терен се испратени и околу 30 припадници на армијата. Министерството за одбрана соопшти дека воздушните сили се распоредуваат според приоритетите и безбедносните услови, бидејќи истовремено горат повеќе подрачја.

Во Република Српска сè уште е активен пожарот на Рајаково Брдо кај Мркоњиќ Град, каде огнот зафатил сува трева, ниска вегетација и дел од високата шума. Покрај пожарникарите и шумарите, во гаснењето се вклучила и полицијата. Пожарот во Кузмани кај Теслиќ, пак, е локализиран, иако екипите остануваат на терен поради силниот ветер и опасноста од повторно разгорување.

Тешка е состојбата и кај Остојиќи во општина Трново, каде пожарот избувна на непристапно подрачје, а дел од теренот е и миниран. Пожарот е ставен под контрола, куќите не се загрозени, но чадот предизвика загадување, непријатен мирис и намалена видливост во делови од Сараевскиот кантон. Во гаснењето учествуваа професионални и доброволни пожарникари, работници на „Сараево-шуми“ и полицијата.

Во Црна Гора пожарникарите се борат со огнот на повеќе локации во никшиќката општина. Нови пожари избувнаа во Бањани, кај селата Кленак и Почековиќи, како и во Враќеновиќи, а надлежните се сомневаат дека дел од нив се намерно предизвикани. Силниот ветер го туркал огнот кон куќи, гробишта и црква, но пожарникарите засега успеале да ги заштитат објектите. Командирот на локалната служба за спасување Славко Тадиќ ја опишал состојбата како хаотична. Гори и на Маганик над Вељи Дубок, каде е зафатена густа зимзелена шума на тешко пристапен терен.

Последиците од пожарите во БиХ се почувствуваа и на хрватскиот брег. Голем дел од Далмација утрово се разбуди под слој чад и измаглица, а фотографии од крајбрежјето, островите и загорјето покажуваат заматен хоризонт и значително намалена видливост. Поради силниот мирис на чад, голем број жители се јавиле кај пожарникарите мислејќи дека гори во нивна близина. Пожарникарските служби, сепак, соопштиле дека чадот пристигнал со воздушните струења од големите пожари во Босна и Херцеговина.

Во Србија, исто така, беснее пожар на Сува Планина, а кон Бела Паланка сè уште има неколку жаришта на тешко пристапен терен. Во гаснењето учествуваат пожарникари, доброволци, планинари и рускиот авион „Иљушин“, а се очекуваат и хеликоптери на српското МВР.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk