Проектот за луксузно одморалиште финансиран од Џаред Кушнер и Иванка Трамп предизвика контроверзии на јужниот брег на Албанија откако започна изградбата во близина на заштитената лагуна Нарта. Жителите и еколошките активисти протестираа против изградбата, судирајќи се со приватните обезбедувачи. Еден демонстрант беше одвлечен од чуварите, додека полицијата, и покрај големото присуство, не интервенираше.
Демонстрантите бараат запирање на изградбата, транспарентност во врска со дозволите и влијанијата врз животната средина и крај на она што го опишуваат како „национално предавство“ – приватизацијата на јавното албанско земјиште за развој на луксузни објекти на странци. Видеоснимките објавени на социјалните мрежи покажуваат турканици и физички пресметки меѓу демонстрантите и обезбедувањето.
Проектот го развива компанијата „Афинити партнерс“, која претходно беше поврзу вана и со најавите за изградба на Трамп кула во Белград.
Компанијата купила земјиште на островот Сазан, најголемиот остров во Албанија. Планот е поранешната советска воена база да биде претворена во луксузен туристички комплекс вреден околу 1,4 милијарди евра.

Албанските власти го поддржаа проектот и покрај критиките од еколошките организации и дел од локалното население.
На социјалните мрежи има тврдења дека земјиштето му припаѓа на албанското семејство Кономи, кое управувало со него со генерации, но дека албанската влада го игнорирала барањето за враќање на имотот. Исто така се тврди дека 41 еколошка организација од 28 земји протестирале поради градбата и дека областа е заштитена зона на ЕУ – дом на медитеранската фока монах, 70 загрозени видови, 200 видови птици.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата