Ќерката на жената од Македонија која беше уапсена во Улцињ, Црна Гора, откако со автомобил прегази куче, вели дека прегазениот шарпланинец го нападнал и го усмртил нивното куче, а потоа ги нападнал и членовите на семејството.
– На видеото се гледа и нашето мало куче ши-цу кое е усмртено од шарпланинец преку 50 килограми тежок. Влезе во нашиот апартман, го распарчи нашето куче пред наши очи додека не постоеше начин да го одбраниме и да му помогнеме, бидејќи станува збор за крволочно куче кое подоцна нè нападна и нас и мојот малолетен брат – вели ќерката во разговор за Сител.
Таа додаде дека шарпалнинецот имал сопственик, кој по настанот со толпа негови пријатели им се заканувал пред апартманот.
Тврди дека прегазувањето било обид жената да ги одбрани децата и своето милениче.
Основното државно обвинителство во Улцињ донесе одлука за задржување до 72 часа на државјанка на Македонија со иницијали С.С., која се сомничи за кривичното дело „убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште“.
Според информациите од обвинителството, инцидентот се случил во близина на Булеварот „Теута“, каде што осомничената, управувајќи автомобил „Мерцедес“, прегазила домашно куче од расата шарпланинец. Животното, кое било во сопственост на локален жител, угинало како последица на повредите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата