logo
logo
logo

Моќниот Џефри Сакс: ГОРДИ СМЕ НА СРБИЈА!

Vecer | 19.06.2026

Моќниот Џефри Сакс: ГОРДИ СМЕ НА СРБИЈА!

Настапувајќи на форумот „Хоризонти“ во Белград, славниот и угледен економистот од Американскиот универзитет Колумбија, Џефри Сакс, оддаде јавно признание и поддршка за надворешната и економската политика на Србија и нејзината поврзаност со Кина и прогласи крај на претходната доминација на Западот во светот.

- Привлековте кинески инвестиции, не дозволивте санкциите на САД врз Кина да ве исплашат. Горди сме на Србија затоа што Србија го наоѓа вистинскиот пат во еден многу комплициран свет. Ова воопшто не е лесно да се постигне кога сите ви викаат и викаат: можете да го направите ова, не можете да го направите ова, мора да го направите ова, сега сте на погрешната страна... - им рече Сакс, кој се смета за еден од највлијателните економисти на денешницата, а и пошироко од тоа, на учесниците на состанокот во Белград.

Имено, списанието „Тајм“ го вклучи Сакс во два наврати, во 2004 и 2005 година, меѓу 100-те највлијателни луѓе во светот, наоѓајќи потврда за тој избор во фактот дека Сакс им дал совети на институции како што се Светската здравствена организација, Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и Обединетите нации.

Настапот на Џефри Сакс предизвикува внимание не само во Србија, туку и во регионот и на глобално ниво. Влиjанието е до толку големо што и хрватскиот медиум Јутарњи, традиционално настроен непријателски кон српскиот претседател Александар Вучиќ, го пренесе настапот на Џефри Сакс и неговите збориви за успесите на Србија.

Цврсто зад идејата

Градејќи речиси 50-годишна научна и консултантска кариера (првиот ангажман го запишал во 1980 година на Универзитетот Харвард), Сакс очигледно еволуирал во своите ставови. На пример, на почетокот на 90-тите години од минатиот век, тој бил советник на заминувачкиот советски лидер Михаил Горбачов и рускиот претседател Борис Елцин, на кои им советувал таканаречена шок терапија во транзицијата од социјалистичка кон пазарна економија.

Во тоа време, Сакс немал сомнежи дека слободниот пазар и повеќепартискиот политички систем се единствениот избор за Русија и сите земји во транзиција, и дека Западот, предводен од САД, е идеалот на кој сите треба да се угледуваат. Таквиот пристап на советникот на Елцин сигурно помогнал во колапсот на руската економија во втората половина на 90-тите, ако не бил главната причина. Но, денес, Сакс има значително различни ставови.

- Влегуваме во мултиполарен свет во кој Европа не го губи својот просперитет, туку е поделена меѓу глобалните актери. Фала му на Бога што доминацијата на Западот заврши - истакна Сакс на Форумот Хоризонти. Србија, продолжи тој, ја разбра основната работа, дека нејзината вистинска улога денес е токму поврзувањето.

- Можеби таков избор на Србија е последица на нејзината долга и сложена историја во надминувањето на разните разлики, во поврзувањето на различните империи и култури - додаде истакнатиот научник, чии ставови за руската инвазија на Украина и израелската интервенција во Газа исто така привлекуваат значително внимание на јавноста.

Да ве потсетиме, Џефри Сакс се залага за „помек“ пристап на Западот кон Русија и наоѓање договор со Кремљ наместо заострување и отворање пат кон тотален вооружен конфликт, и за американско воздржување од израелската влада предводена од Бенјамин Нетанјаху наместо склучување сојуз за справување со Иран и Хезболах.

Зелена енергија

Во белградскиот преглед на глобалните трендови, Сакс оцени дека светот се наоѓа во многу специфични околности што диктираат напуштање на фосилните горива и премин кон обновливи извори на енергија, и истакна дека ова е можност за поврзување на Кина и Западот.

- Парната машина порано беше огромна промена, но денес тоа се ветерници и електрични автомобили. Ова е моментот кога мора да ја искористиме врската меѓу Кина и Западот за да ги постигнеме целите за одржлив развој - заклучи Сакс.

Како гостин на Форумот Хоризонти со објективно најголема тежина, на Сакс му беше дадена можност да зборува на отворањето на состанокот на кој учествуваа неколку стотици засегнати страни од меѓународните економски текови, а кој се одржува под покровителство на „обликување на иднината, одржливост и глобална поврзаност“.

Од низата говорници што организаторите на Хоризонти ги донесоа во преден план, во кој доминираат менаџери на кинески компании како што се BYD, Ming Yang Smart Energy и Zijin, покрај Сакс, се издвојува Бранко Милановиќ, веројатно најголемиот експерт за глобални нееднаквости.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk