Македонската режисерка Тамара Котевска го освои престижниот „Зелен Оскар“ за најдобра режија и продукција на Wildscreen Panda Awards 2026 во Велика Британија, за нејзината визионерска режија и продукција на документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan), реализиран за National Geographic Documentary Films.
Со освојувањето на наградата Producer/Director Panda Award, Котевска влегува во историјата како прва добитничка на ова признание од Македонија и регионот.
Во светот на документарната кинематографија, наградите „Панда“, познати како „Зелени Оскари“, претставуваат едно од највисоките признанија за филмските автори кои преку своите дела ја истражуваат природата и сложениот однос меѓу човекот и животната средина. Низ историјата на овие награди биле одликувани легендарни имиња како Сер Дејвид Атенборо и оскаровката Пипа Ерлих, режисерка на „My Octopus Teacher“, а сега во кругот на наградените се приклучува и Тамара Котевска.
Она што ги поврзува „Медена земја“ и „Приказната за Силјан“ е токму способноста на Котевска да ја долови длабоката, деликатна и моќна врска меѓу човештвото и животната средина. Нејзиниот препознатлив авторски пристап ги претвора интимните човечки судбини во универзални приказни за опстанокот, природата и светот што го делиме.
По револуционерниот успех на „Медена земја“, која доби две номинации за Оскар, оваа победа дополнително го зацврстува нејзиното место меѓу значајните автори на современата светска документаристика.
Но, приказната за „Силјан“ не завршува со „Зелениот Оскар“. Филмот продолжува да привлекува внимание на меѓународната сцена, со номинации за „Еми“, како и за престижните британски награди „Гриерсон“ (The Grierson Awards), познати како „Британски Оскари“ за документарен филм, и медиумските награди „Џексон Вајлд“ (Jackson Wild Media Awards).
Ако Wildscreen го носи престижот на „Зелените Оскари“, тогаш Jackson Wild претставува еден од највлијателните центри на светската документаристика, каде што се среќаваат автори чии приказни за природата и науката имаат моќ да го променат начинот на кој ја гледаме планетата.
Од историските номинации за „Медена земја“ до најновото признание за „Приказната за Силјан“, Тамара Котевска продолжува да докажува дека приказните создадени во Македонија можат да ги надминат сите географски граници. А „Силјан“, со својата универзална порака, продолжува да се движи низ светскиот филмски екосистем како вистинска сила на природата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата