logo
logo
logo

Ади Шоше со емотивна музичка вечер во Скопје: Публиката пееше со него од првата до последната песна

Vecer | 19.10.2026

Ади Шоше со емотивна музичка вечер во Скопје: Публиката пееше со него од првата до последната песна

Емотивна вечер исполнета со добра музика, моќен вокал и многу љубов – токму таква вечер ѝ приреди Ади Шоше на македонската публика на својот прв концерт во Скопје. Филхармонија беше исполнета со публика од сите генерации, а атмосферата покажа дека неговата музика не допира само до срцата на понежниот пол. Напротив, кога зад песните стојат вистински талент и емоција, во нив уживаат сите.

Енергичен, непосреден и речиси неуморен на сцената, Шоше со својот вокал, интерпретација и харизма уште еднаш покажа зошто неговото име сè погласно се слуша низ регионот. Во текот на вечерта, покрај песните што веќе ги освоија слушателите, изведе и песни од Тоше Проески, кои предизвикаа посебни емоции кај присутните.

„Глас што не се слуша само со уши, туку се чувствува директно во срцето“ – пишуваше на транспарентот што го доби од своите фанови. А Шоше на сцената покажа дека тоа не се само убаво избрани зборови, туку чувство што навистина го пренесува преку песната. Зашто, кога има талент, искреност и емоција, музиката го наоѓа патот до срцата, без оглед на генерацијата.

Од првите тонови до последните рефрени, концертот се претвори во заедничка музичка приказна на пејачот и публиката, која со него ги споделуваше стиховите, емоциите и енергијата. Шоше ја оправда довербата на сè поголемиот број обожаватели, оставајќи впечаток на изведувач кој со секој нов концерт, настап... освојува нова публика и сигурно чекори кон уште поголема регионална сцена.

По успесите во Загреб и Белград, и Скопје стана дел од концертната приказна на Ади Шоше – пејач во забрзан подем, чиј потенцијал и сценска енергија навестуваат дека најубавите музички приказни допрва следуваат, а не помалку интересни музички вечери следуваат и од Евентум продукција.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk