Прославениот холивудски режисер и актер Мел Гибсон објави дека снимањето на филмот „Воскреснувањето на Христос“ е успешно приведено кон крајот, а во прашање е остварување кое уште сега се смета за најскапото, најсложеното и најспектакуларното во целата негова кариера.
Гибсон се враќа на режисерското столче со голем проект кој е замислен како директно продолжение на неговото ремек-дело од 2004 година. Филмот ќе биде поделен на два дела кои се снимаа истовремено во Рим, а ѕвездата на франшизата „Смртоносно оружје“ ја сподели оваа исклучителна вест со публиката, откривајќи детали кои веднаш го привлекоа вниманието на светската јавност.
Во интервју за католичкото списание „The Christian Post“, Гибсон го опиша самиот процес на создавање и навести дека „Воскреснувањето на Христос“ ќе допре не само до темите што вообичаено се наоѓаат во Евангелијата, туку и до оние настани што останале изоставени за време на пишувањето на Светата книга.
Мел Гибсон ја „обогатува“ Библијата
Прославениот уметник истакна дека намерата не му била да ги менува историските и верските факти, туку на публиката да ѝ понуди поширока слика за она што се случило.
‒ Ако ги погледнете синоптичките евангелија, а тие се синоптички, тоа значи дека не ни кажуваат сè. Дури и Јован рече: „Знаете, имаше многу други работи што Исус ги рече и направи, и кога би се запишале сите, сите библиотеки на светот не би можеле да ги примат“. Значи, постојат многу работи што не се запишани ‒ вели Гибсон.
Според неговите зборови, „Воскреснувањето на Христос“ е создадено како „обогатена“ верзија на учењето на Црквата кое се пренесува со векови.
‒ Поентата не е во спротивставувањето на православното учење, туку, верувам, во обогатувањето на она што е тука за сите да го видат, и се надевам дека некои од овие откритија ќе ве изненадат ‒ додаде режисерот.
Со оглед на обемниот и теолошки исклучително сложен материјал, приказната е замислена така што ќе биде раскажана на универзален начин и на јазик кој е близок и прилагоден за современата публика.
Буџет од 250 милиони долари
„Воскреснувањето на Христос“ претставува убедливо најскап проект во кариерата на Мел Гибсон. Дводелната продукција е креирана во гигантски размери, при што авторите се фокусираа на врвно визуелно доживување и употреба на најсовремени IMAX камери на сетот.
Првичните проценки укажуваат на тоа дека вкупниот буџет за двата филма би можел да ја надмине цифрата од дури 250 милиони долари. Филмот е комплетно снимен во Рим и во моментов се наоѓа во фаза на барателна постпродукција.
Она што изненади многумина е податокот дека во актерската екипа нема да ги гледаме Моника Белучи и Џим Кавизел, кои ја носеа дејството во „Страдањата на Христос“. Улоги во новиот спектакл добија Јако Охтонен, Мариела Гарига, Касија Смутњак и Рикардо Скамарчо.
Познати се и официјалните датуми кога публиката ќе може да ги погледне овие филмови на големото платно. Првиот дел во кината пристигнува на 6 мај 2027 година, додека премиерата на вториот дел е закажана за 25 мај 2028 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата