Русија изврши масовен воздушен напад врз Украина со повеќе од 450 беспилотни летала и ракети, при што меѓу погодените цели бил и патничкиот воз на релација Киев–Варшава, нападнат на само два километри од полската граница. Во нападите низ земјата загинале најмалку шест лица, а 43 биле повредени, додека украинските воздухопловни сили соопштија дека успеале да пресретнат 405 дронови и шест ракети од вкупно 453 лансирани летала.
Погодени се 13 локации, додека остатоци од соборените летала паднале на седум други места.
Западна Украина претрпе особено силен удар. Овој регион претходно беше поретко цел во споредба со Киев, Одеса и областите во непосредна близина на линијата на фронтот. Заканата предизвика тревога во соседна Полска, каде што Владиниот центар за безбедност издаде предупредување за неколку окрузи во Лублинското војводство долж украинската граница.
Во регионот Волин, руско беспилотно летало ја погодило локомотивата на возот Киев–Варшава додека тој се наоѓал на околу два километри од полската граница, соопштија Украинските железници. Меѓу патниците немало повредени.
„Ова е теророт на Путин кој директно ’чука‘ на вратите на ЕУ и НАТО. Руските варвари се пред вашиот праг, драги партнери“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха. Новинарката Катерина Сергацкова, која била во возот, изјавила за „Киев Индипендент“ дека беспилотни летала погодиле бензинска пумпа и локомотива во близина на граничниот премин Јагодин.
„Ни рекоа веднаш да се евакуираме, но немаше засолниште. Едноставно ни рекоа да се оддалечиме од вагоните и да се упатиме кон езерото“, раскажа Сергацкова.
Вкупно пет лица се повредени во регионот Волин.
По едно лице е повредено во регионите Ивано-Франкивск и Тернопил, додека во регионот Ривне се пријавени прекини во снабдувањето со електрична енергија. Во регионот Лавов беа оштетени станбени згради, помошни објекти и училиште, а избувна и пожар во деловен објект во регионот Хмелницки.
Во регионот Одеса беа оштетени станбени згради, приватни куќи, магацини и детски санаториум, додека информациите за евентуални жртви сè уште се проверуваат.
Вкупниот број од 43 повредени вклучува пет лица во регионот Волин; по едно лице во регионите Ивано-Франкивск и Тернопил; четворица во регионот Запорожје; 11 во регионот Доњецк; тројца во регионот Чернихив; тројца во регионот Харкив; деветмина во регионот Херсон и шестмина во регионот Суми. Меѓу повредените во регионот Суми има и шестмесечно бебе.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно соопшти дека Русија на 12 септември лансирала речиси 500 напаѓачки беспилотни летала кон Украина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата