Девет дена биле заробени во темнината, без можност сами да се спасат, но двајца работници во Непал преживеале и биле извлечени живи од тунелот на хидроелектраната „Тришули 3А“. Тие биле заробени по разорните поплави во земјата, во кои животот го загубиле повеќе од 1.200 луѓе. Едниот од спасените, Санџаја Шах, бил во тешка состојба и спасувачите му обезбедувале кислород, а според надлежните, во моментот не можел да зборува.Шах со хеликоптер бил префрлен во Батар, северозападно од главниот град Катманду.
– Пресреќен сум, ја чекав оваа вест. Ова дава надеж дека и други ќе бидат спасени живи – изјави за Би-Би-Си колегата на Шах, Суреш Чаудари.
Второто спасено лице е Кабир Махарџан. Според властите, Махарџан „се насмевнал и изразил благодарност“ по спасувањето.
Како дел од големата спасувачка операција, инженерите пумпаат воздух во тунелите на хидроелектраните. Стотици од повеќе од 5.000 луѓе кои сè уште се водат како исчезнати се работници ангажирани во мрежата од тунели на градилиштата на хидроелектраните долж реката.
Во моментов се спроведуваат посебни спасувачки операции во уште околу шест тунели на хидроелектрани, каде што се стравува дека се заробени повеќе од 150 луѓе. Двете лица што досега се спасени беа извлечени од тунелот „Тришули 3А“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата