logo
logo
logo

Анализа на „Полико“

„КАНЦЛЕРТАУШ“ за МЕРЦ? - Екстремната десница маршира кон апсолутна власт во делови од Германија

Vecer | 04.09.2026

„КАНЦЛЕРТАУШ“ за МЕРЦ? - Екстремната десница маршира кон апсолутна власт во делови од Германија

За германскиот канцелар Фридрих Мерц, претстојните неделни избори во источната сојузна покраина Саксонија-Анхалт носат исклучително тешки предизвици. Според анкетите, крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) се очекува да оствари победа пред конзервативната CDU на Мерц, што додатно го потврдува засилувањето на радикалната десница во земјата, анализира „Политико“.

Доколку AfD освои доволно гласови за апсолутно мнозинство и започне самостојно да управува, тоа би било првпат по завршувањето на Втората светска војна десничарска радикална партија да ја преземе власта во една германска покраина. За самиот Мерц, тоа би значило понижувачко место во современата историја како лидер кој дозволил историски пробив на радикалните сили.

Но, дури и ако AfD за малку не успее да го дофати апсолутното мнозинство, математиката во покраинскиот парламент му нуди на Мерц само две исклучително тешки и ризични сценарија:

Сценарио 1: Апсолутна победа и власт за AfD

Доколку AfD успее сама да формира влада во Саксонија-Анхалт, за дел од политичарите во CDU тоа накратко би изгледало како полесна опција, бидејќи конзервативците конечно би се вратиле во опозиција од каде што ќе можат комотно да ја напаѓаат власта. Некои партиски членови веруваат дека владеењето на AfD брзо би се претворило во дебакл и би го разбил митот за нивната десница. Меѓутоа, ова сценарио носи голем ризик: победата може да започне домино-ефект на претстојните избори во Мекленбург-Предна Померанија и Берлин, срушувајќи го таканаречениот „санитарен кордон“ (подобро познат како firewall) односно ветувањето на CDU дека никогаш нема да коалицира со десничарските радикали.

Сценарио 2: Малцинска влада зависна од крајната левица

Доколку AfD не освои мнозинство, CDU ќе мора да бара партнерства со преостанатите леви партии. Со оглед на тоа што Мерц јавно ја отфрли можноста за официјална соработка и со крајно левичарската партија Die Linke („Левица“), CDU би морала да формира кревка малцинска влада со социјалдемократите (SPD) и евентуално Зелените. Но, за да изгласаат премиер и да поминуваат закони, конзервативците повторно би биле заложници на поддршката од крајната левица. Во редовите на CDU расте огромното незадоволство против ваквиот модел, со став дека соработката со левицата само ѝ дава дополнителна муниција на AfD да ги прикаже конзервативците како преправен левичарски блок.

Политичкиот притисок врз Фридрих Мерц

Овие изборни потреси доаѓаат во време кога Фридрих Мерц се наоѓа на историско дно според популарноста по само 16 месеци на функцијата. Во покраината сè почесто се слушаат сомнежи околу регуларноста на гласачките ливчиња испратени по пошта, што дополнително ја подгрева атмосферта.

При неговите ретки појавувања на истокот од земјата, Мерц беше пречекан од револтирани граѓани со свирежи и погрдни зборови како „Пинокио“ и „военохушкач“. Во самата партија CDU веќе отворено и зад затворени врати се дебатира за сценариото наречено Kanzlertausch - итна замена на канцеларот пред националните избори, со цел да се спречи целосен политички крах.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk