Поранешниот гувернер на мексиканската сојузна држава Гереро, Анхел Хеладио Агире Риверо, е уапсен поради сомневања дека наредил уништување докази поврзани со исчезнувањето на 43 студенти во 2014 година. Апсењето доаѓа по новото разгледување на еден од најпотресните случаи во поновата историја на Мексико, кој со години предизвикуваше реакции и барања за целосна истрага.
Федералното обвинителство на Мексико (ФГР) соопшти дека повторно го анализира случајот со исчезнувањето на студентите од Руралниот учителски факултет „Ајоцинапа“ во Гереро, кои исчезнаа во септември 2014 година, а истрагата продолжува за утврдување на сите околности и одговорни лица, објави „Мексико њуз дејли“.
Студентите, сите млади мажи, исчезнаа откако автобусот со кој патувале кон Мексико Сити на протест бил запрен од општинската и од државната полиција.
Меѓународните истраги покажаа дека студентите најверојатно биле убиени од припадници на организирани криминални групи, со можна вмешаност на полицијата.
ФГР соопшти дека ново истражување ја потврдило „можната вмешаност“ на Агире во „прикривање на докази“ поврзани со локацијата на студентите.
Обвинителката Ернестина Годој наведе дека имаат докази оти Агире наредил да се сокријат видеоснимки на кои се гледа автобусот со студентите во моментот кога бил запрен од полицијата.
Таа додаде дека во првичните официјални изјави било наведено дека снимките не постојат поради наводни технички проблеми со системот за надзор, но подоцнежните истраги покажале дека тоа тврдење било лажно.
Годој изјави дека сведок кој соработува со властите дал исказ со кој „го потврдил постоењето на видеоснимките“. Според неа, сведокот го идентификувал човекот кој ги „отстранил“ снимките за да му ги „предаде директно“ на Агире.
Сведокот тврдел дека добивал закани и затоа долго време молчел.
„Федералното обвинителство има докази дека таквата наредба за прикривање била издадена директно од тогашниот гувернер, со учество на високи државни функционери“, рече Годој.
Апсењето на Агире е едно од најзначајните во рамките на случајот „Ајоцинaпа“, кој предизвика огромен револт во Мексико и низ светот, како и големи протести во Мексико Сити и во други делови од земјата.
Досега се пронајдени останките само на тројца студенти.
Во врска со случајот биле уапсени десетици осомничени, но никој досега не е осуден за злосторството, а дел од нив подоцна биле пуштени од затвор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата