Се проценува дека повеќе од 5.000 луѓе во Германија починале оваа година поради екстремните горештини, соопшти денеска Институтот „Роберт Кох“ (РКИ), истакнувајќи дека најголемиот број смртни случаи е регистриран за време на топлотниот бран кон крајот на јуни.
Според неделниот извештај на РКИ, горештините се поврзани со приближно 5.120 смртни случаи, при што околу 4.270 од нив се однесуваат на лица постари од 75 години, пренесува Ројтерс.
Од РКИ наведоа дека меѓу жртвите имало повеќе жени отколку мажи, првенствено затоа што жените сочинуваат поголем дел од најстарата возрасна група на населението.
Европската служба за климатски промени „Коперникус“ објави дека Западна Европа го доживеала најтоплиот јуни досега, со просечна температура од 20,74 степени Целзиусови, пренесува Танјуг.
Надлежните органи во Франција, Белгија, Шпанија и Холандија пријавија повеќе од 4.700 смртни случаи над вообичаениот просек во периодот од 20 до 28 јуни, кој ја опфати најинтензивната фаза на топлотниот бран.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата