Продажбата на топлински пумпи за домаќинствата во Европа значително порасна во првата половина на 2026 година, откако одредени земји ги намалија даноците на електрична енергија, додека растот на цените на нафтата и гасот дополнително го зголеми интересот на потрошувачите за алтернативни методи на греење.
Според податоците на Европската асоцијација за топлински пумпи (EHPA), во текот на првите шест месеци од оваа година се продадени приближно 1,16 милиони топлински пумпи во 12 европски земји, во споредба со 1,05 милиони во истиот период од 2025 година. Ова претставува зголемување од повеќе од десет проценти, пренесува „Гардијан“.
Фосилни горива
Растот на продажбата уследи по две години слаба побарувачка, експертите го припишуваат овој подем на промените во даночните политики во одредени земји и на програмите за субвенционирање, како и на растот на цените на фосилните горива предизвикан од војната во Иран.
Намалувањето на даноците и другите давачки за електрична енергија е клучно за економската исплатливост на топлинските пумпи, бидејќи високите трошоци за струја во однос на цените на гасот можат да ги намалат финансиските придобивки од преминот кон оваа технологија.
Како резултат на тоа, Европската унија има намера да ги поттикне земјите-членки да го намалат даночниот товар на електричната енергија под нивото што се применува за гасот – потег што се очекува дополнително да ја поттикне електрификацијата на греењето и да ја намали потрошувачката на фосилни горива.
Пренос на топлина
Топлинските пумпи користат електрична енергија за пренос на топлина од надворешниот воздух, почвата или водата во зградите и се сметаат за клучна технологија за намалување на емисиите од греењето на домаќинствата.
Најновите податоци укажуваат на закрепнување на европскиот пазар по падот на продажбата во последните години, кога неизвесноста во врска со владините стимулации, промените во енергетските политики и односот на цените меѓу гасот и електричната енергија го забавија нивното инсталирање.
Растот на цените на нафтата и гасот, поттикнат од конфликтот на Блискиот Исток оваа година, дополнително ја промени ситуацијата за европските домаќинства и го зголеми интересот за технологии што ја намалуваат зависноста од фосилни горива.
Извор: Аваз
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата