logo
logo
logo

ШПИОНСКА ОПЕРАЦИЈА НА АЕРОДРОМ: Русин и Израелка уапсени со 19 куфери полни со опрема за следење

Vecer | 25.09.2026

ШПИОНСКА ОПЕРАЦИЈА НА АЕРОДРОМ: Русин и Израелка уапсени со 19 куфери полни со опрема за следење

Црногорската полиција уапсила маж и жена, странски државјани, откако во нивниот багаж била пронајдена обемна опрема наменета за следење и надзор, пренесуваат црногогрските медиуми.

Според информациите, се работи за државјани на Русија и на Израел – Александар Михаиловиќ Кругљански (31) и Александра Кругљанска (42), кои биле уапсени на аеродромот додека се обидувале да се качат на лет за Тел Авив, носејќи дури 19 куфери и торби.

За време на детална проверка од граничната полиција, во повеќе од половина од багажот била откриена софистицирана опрема, за која властите се сомневаат дека се користи за надзор, шпионажа и откривање на уреди за прислушување.

Меѓу конфискуваните предмети се Џи-пи-ес тракер со интегриран микрофон, професионален детектор за радио сигнали (BugHunter Professional BH-04), наменет за пронаоѓање скриени безжични микрофони и камери, камери за надзор и сродна опрема за видеонадзор, компјутерски компоненти, мемориски уреди и кабли.

Покрај споменатата ИТ-опрема, полицијата од осомничените конфискува и непријавени лекови и 26.210 евра и 1.150 израелски шекели (330 евра).

Според порталот „Вијести“, осомничените престојувале во Црна Гора врз основа на туристичка виза и во изминатиот период неколку пати влегувале во земјата.

По наредба на државниот обвинител во Основното државно обвинителство во Котор, против нив е поднесена кривична пријава поради сомнение за сторени кривични дела шверц и перење пари.

Полициската управа на Црна Гора објави дека во рамките на оваа истрага се преземаат интензивни активности во соработка со Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и меѓународните разузнавачки партнери, со цел целосно да се расветлат мотивите и позадината на дејствијата на уапсените.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk