Светската банка ќе обезбеди кредитно финансирање во износ од 658,8 милиони евра за проект за трансформација на земјоделскиот и прехранбениот сектор во Турција, со што вкупното финансирање за сите сектори во земјата годинава ќе надмине 7,9 милијарди евра, објави Анадолија.
Според Министерството за трезор и финансии, кредитната поддршка е добиена како резултат на напорите на Турција за обезбедување надворешно финансирање под поволни услови. Во тој контекст, проектот за трансформација на земјоделскиот и прехранбениот сектор во земјата беше одобрен од Одборот на извршни директори на Светската банка.
Со проектот ќе раководат турското Министерство за земјоделство и шумарство и надлежната Агенција за поддршка на земјоделството и руралниот развој (ТКДК).
Во рамки на иницијативата се цели кон зајакнување на конкурентноста и интеграцијата на синџирите за создавање вредност во прехранбениот сектор во Турција, како и подобрување на продуктивноста, додадената вредност, растот и капацитетот за пристап до пазарот на земјоделските претпријатија и производителските организации, појаснува агенцијата.
Со овие средства, долгорочното и поволно надворешно финансирање што Светската банка го обезбедува за сите сектори во Турција во 2026 година ќе надмине 7,9 милијарди евра.
Во врска со ова, министерот за трезор и финансии Мехмет Шимшек изјави дека соработката со Светската банка по прашања што ќе го зајакнат производствениот екосистем на Турција ќе продолжи.
— Со нашата економска програма, која дава приоритет на одржливиот раст и општествената благосостојба, напорите за обезбедување долгорочно и поволно надворешно финансирање во рамки на среднорочната програма продолжуваат со полна сила. Со овој заем, нашата поддршка за земјоделството и развојот на руралните средини ќе продолжи уште поактивно, изјави Шимшек.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата