Новообјавените документи од Федералното истражно биро на САД (ФБИ) откриваат извештаи за неидентификувани летачки објекти (НЛО), вклучувајќи и извештаи за „суштества високи еден метар“ кои, според очевидци, „излегле од летало“, како и описи на непознати метални материјали и наводни „остатоци од срушени структури“.
Документите се дел од програмата за декласификација што ја спроведува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Видени се членови на „екипажот“
Документите, објавени како дел од иницијативата на Белата куќа за транспарентност на НЛО, содржат преглед на извештаи од 1960-тите, вклучително и 1965 година, за која евиденцијата на ФБИ покажува дека бил период на „најголем број видувања на НЛО во светот“.
Извештаите, според Дејли Меил, вклучуваат описи на метални предмети кои наводно можат „тивко да лебдат, да достигнуваат големи брзини и да влијаат на електромагнетните системи“, како и тврдења за повеќекратни случаи на откривање на остатоци од наводно срушени „летачки чинии“, вклучувајќи материјали опишани како „непознати метали со микроскопски сфери“.
„Некои сведоци пријавиле дека виделе членови на екипажот како излегуваат од објектите, високи околу еден метар, облечени во одела слични на вселенски одела и шлемови“, се наведува во документот на ФБИ.

„Тие беа испратени од вселената...“
Документите се дел од стотици страници, фотографии и снимки објавени како дел од поширока програма за декласификација, која вклучува и воени извештаи и архиви на НАСА.
Конгресменот од Тенеси, Тим Бурчет, кој со години се залага за објавување на податоци за НЛО, изјави на социјалните мрежи дека „ова е само почеток“, велејќи дека претходните тврдења дека такви податоци не постојат се лажни.
Новообјавената меморандум на ФБИ е датирана на 19 октомври 1966 година и е испратена од канцеларијата на бирото во Сан Франциско до тогашниот директор на ФБИ под наслов „Неидентификувани летачки објекти“.
Во документот се споменуваат и тврдењата на авторот Френк Едвардс, кој ги опишал НЛО како објекти наводно „испратени од вселената за да ја набљудуваат Земјата“, како и наводи за наводно прикривање од страна на американските воздухопловни сили.
„Цилиндрични и овални формации“
ФБИ забележува дека се пријавени предмети со различни форми, вклучувајќи „дискови, цилиндрични и оваидни формации“, и дека во некои случаи се пронајдени „траги од изгорена земја“ по нивните наводни слетувања.
Во извештајот се наведува дека предметите биле опишани како „полирани метални летала што емитуваат топлина и светлина“, и дека некои сведоци тврделе дека претрпеле „изгореници“ од близина на предметите.
Во меморандумот се наведува дека тогашниот конгресмен и иден американски претседател Џералд Форд јавно повикал на конгресни сослушувања за инциденти со НЛО.
Објавувањето на документите е дел од пошироката одлука на администрацијата на Доналд Трамп за декласификација на материјалот поврзан со НЛО и наводните вонземски феномени, додека официјалните лица претходно предупредија дека сведоштвата не претставуваат доказ за постоење на вонземјани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата