Првата рунда разговори меѓу високи американски и ирански претставници во Швајцарија заврши, соопштија медијаторите, по напнатиот почеток обележан со објавата на Техеран дека повторно го затворил Ормутскиот теснец и повторувањето на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе продолжи со нападите врз Иран, пишува утринава Ројтерс.
Во заедничко соопштение од земјите посредници, Катар и Пакистан, се вели дека САД и Иран се согласиле на план за постигнување конечен договор во рок од 60 дена. Техничките разговори ќе продолжат до крајот на неделата во швајцарското планинско одморалиште Бургеншток.
Страните се согласија за механизам за прекин на борбите во Либан и отворија комуникациска линија за да се обезбеди безбеден премин за комерцијалните бродови низ спорниот теснец, се вели во соопштението. Договорот повикува на повторно отворање на Ормутскиот теснец, пречка за глобалните енергетски испораки, и прекин на сите непријателства, вклучително и во Либан, каде што Израел продолжува да извршува смртоносни напади додека иранскиот сојузник Хезболах пука врз израелски цели.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата