Рој медузи предизвика прекин во работата на три реактори во нуклеарна централа на северот на Франција, откако ги блокирал пумпите за ладење, соопшти енергетската компанија ЕДФ. Три реактори биле целосно исклучени, работата на четвртиот е намалена за половина, додека само петтиот реактор работи со полн капацитет, а шестиот е надвор од функција поради редовно одржување.

Од ЕДФ уверуваат дека инцидентот не влијае врз безбедноста на постројката, персоналот или животната средина. Ова е уште еден прекин на француското нуклеарно производство, кое годинава веќе се соочуваше со проблеми поради топлотните бранови и сушата, а само во неделата производството на нуклеарна енергија во земјата паднало за 15,6 отсто, пишува France24.
Проблем што се повторува
Станува збор за нуклеарната централа „Гравелин“ кај Денкерк, најголемата нуклеарна централа во Западна Европа, која има шест реактори со моќност од по 900 мегавати. Истиот проблем со медузите, кои ги блокирале пумпните станици за морска вода, се случил и пред една година, кога централата исто така била привремено исклучена.

Ваквите блокади не се реткост ниту во други делови од светот. Во Шведска во 2013 година една нуклеарна централа била затворена три дена, додека инцидентот во Јапонија во 1999 година довел до значителен пад на производството на електрична енергија.
Експертите објаснуваат дека прекумерниот риболов, загадувањето со пластика и зголемувањето на температурата на морето како последица на климатските промени создаваат поволни услови за забрзано размножување на медузите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата