Петнаесетгодишниот Х.О. е уапсен во Турција под сомнение дека денеска утринава, непосредно пред 8 часот, отворил оган во училиштето „Инчи Узмез“ во Маниса, при што ранил најмалку 11 ученици. Според последните информации, двајца од повредените се наоѓаат во критична состојба.
Безбедносните камери го снимиле осомничениот како со огнено оружје шета по улиците околу училиштето и го полни оружјето. На местото на настанот веднаш биле испратени бројни полициски и итни екипи.
Мотивот за нападот сè уште е официјално нејасен, но турските медиуми јавуваат дека Х.О. вчера предизвикал инцидент и се тепал пред зградата поради „проблеми со едно девојче“. Полицијата истражува дали претходните несогласувања со учениците се поврзани со денешниот инцидент.
Напаѓачот, кој наводно е ученик во истото училиште, успеал да избега по пукањето, но набрзо бил пронајден и приведен од полициските службеници. Според истите извори, покрај малолетникот, полицијата ги уапсила и неговите родители, како и неговиот дедо.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата