logo
logo
logo

Нова инјекција во кинеската економија

КИНА ГРАДИ ФИНАНСИСКИ ШТИТ ОД 54 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ: Пекинг ги зајакнува банките и осигурителите, што стои зад потегот?

Vecer | 06.09.2026

КИНА ГРАДИ ФИНАНСИСКИ ШТИТ ОД 54 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ: Пекинг ги зајакнува банките и осигурителите, што стои зад потегот?

Кина ќе вложи 360 милијарди јуани, односно околу 54 милијарди долари, во зајакнување на капиталот на три државни банки и пет осигурителни компании, во обид да ја зголеми отпорноста на својот финансиски систем. Потегот доаѓа во период кога втората најголема светска економија се соочува со слаба побарувачка за кредити, притисок врз профитабилноста и финансиски ризици поврзани со пазарот на недвижности, а Пекинг со свеж капитал сака да создаде простор за поголемо кредитирање и поддршка на економијата. За планот извести и Мета.мк, повикувајќи се на информации објавени од компаниите и „Ројтерс“.

Најголемиот дел од парите, 290 милијарди јуани, ќе заврши во три банки. Земјоделската банка на Кина треба да добие 160 милијарди јуани, Индустриската и комерцијална банка на Кина 100 милијарди, а Извозно увозната банка на Кина дополнителни 30 милијарди јуани.

Средствата треба да го зајакнат основниот капитал на банките и да им овозможат да продолжат со кредитирањето. Пекинг во голема мера се потпира врз државните банки за финансирање на компаниите, инфраструктурата и стратешките индустрии, иако слабата побарувачка за нови заеми го ограничува ефектот од таквата политика.

Останатите 70 милијарди јуани се наменети за пет осигурителни групации. Најголемиот осигурител на живот во земјата, „Чајна лајф“, ќе добие 35 милијарди јуани, додека капитал ќе добијат и „Чајна Тајпинг“, Народната осигурителна компанија на Кина, Кинеската корпорација за осигурување на извозот и кредитите и Кинеската реосигурителна групација.

Осигурителниот сектор подолго време се соочува со намалена профитабилност поради ниските каматни стапки. Кај дел од малите и средните компании се влошуваат и показателите што покажуваат дали располагаат со доволно капитал за покривање на обврските и можните загуби.

Затоа, пакетот не претставува директна помош за граѓаните или класичен стимул за потрошувачката. Станува збор за зајакнување на финансиските институции, кои потоа треба да преземат поголем ризик, да пласираат кредити и да ја поддржат економската активност.

Капиталната инјекција беше најавена во март, кога кинеските власти порачаа дека ќе ги намалуваат системските финансиски ризици и ќе обезбедат повеќе пари за технолошките компании. Во фокусот остануваат и проблематичните кредити поврзани со задолжените инвеститори во недвижности и локалните власти со ограничени приходи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk