Нови израелски воздушни напади го погодија јужен Либан, при што најмалку четири лица загинаа, а 20 се повредени, објави либанската државна новинска агенција ННА. Во нападите во подрачјето на Набатије била погодена и целосно уништена болницата „Гандур“ во Ал-Набатије ал-Фаука, објект кој со години не бил во функција, а има и повредени. Силен удар бил извршен и во градот Набатије, каде била цел историска зграда во сопственост на братот на пратеникот Насер Џабер, која во минатото била ресторан, а по нападот е целосно разурната.
Нападите предизвикале голема материјална штета и на зградите на регионалното одделение за финансии и одделението за земјоделство во Набатије, кои се наоѓаат во близина на погодената локација. Оштетени се канцеларии, скршени се прозорци и врати, а документи и списи биле расфрлани низ просториите. Оштетени се и десетици продавници и кафулиња во околината.
Претходно израелската војска соопшти дека либанската група Хезболах со два дрона ги нападнала израелските војници во јужен Либан. Припадниците на Израелските одбранбени сили (ИДФ) собориле еден од дроновите, при што нема повредени војници.
Од ИДФ оценија дека нападот претставува сериозно прекршување на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан и соопштија дека поради тоа биле извршени напади врз цели во јужен Либан.
Израелскиот портал Ynet, повикувајќи се на безбедносни извори, објави дека болницата во Набатије не се користела и дека Хезболах наводно ја користел како база. Овие тврдења не можеле независно да бидат потврдени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата