Иран најавува засилени мерки за справување со економските последици од американските санкции, но во исто време испраќа остро предупредување до Вашингтон дека секој нов напад ќе биде проследен со „побрз, пожесток и поболен одговор“. Шест месеци по почетокот на американско-израелските напади врз Иран, конфликтот останува во застој, додека дипломатските напори за отворање мировен процес засега не даваат резултати. Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф, порача дека САД мора да сфатат оти правилата во конфликтот се промениле, со што дополнително се зголемуваат тензиите меѓу Техеран и Вашингтон.
„Отсега, секој напад врз иранските интереси и безбедност ќе добие побрз, пожесток и поболен одговор“, изјави Калибаф.
Неговата изјава следува откако американската Централна команда соопшти дека во саботата погодила три ирански танкери, откако Иранската револуционерна гарда истрелала балистички ракети кон два американски воени брода.
Во меѓувреме, иранските власти се соочуваат со сериозни економски последици од американските санкции и ограничувањето на извозот на нафта. Калибаф изјави дека, покрај воениот фронт, главната битка на Иран сега се води во производството и животниот стандард на граѓаните.
Како главни проблеми ги посочи промените на девизниот курс, инфлацијата, невработеноста и управувањето со пазарот.
Иранскиот министер за економија Али Маданизадех најави дека Техеран ќе одговори со економски реформи, отфрлајќи ја идејата дека санкциите можат да ја натераат земјата да го промени својот курс.
„За реформата на иранската економија одговорни се владата и народот, а не американското Министерство за финансии“, изјави тој, пренесуваат иранските државни медиуми.
Во исто време, заменик-министерот за економија Мортеза Заманијан изјави дека владината структура задолжена за економската војна ги засилува напорите за решавање на проблемите предизвикани од конфликтот.
Дополнителен притисок врз Иран претставува состојбата со извозот на нафта. Земјата, која е трет најголем производител во ОПЕК, пред војната извезувала околу 90 отсто од суровата нафта преку терминалот на островот Харг. Иранскиот министер за нафта Мохсен Пакнежад изјави дека островот во изминатите месеци бил погоден околу 550 пати, но дека и понатаму функционира.
Американската Централна команда соопшти дека до 6 септември пренасочила 92 трговски бродови, три ги онеспособила, а на два извршила претрес во рамките на блокадата.
Ормускиот Теснец останува една од главните точки на спорот. Иран тврди дека пловниот пат е под негова контрола и не е безбеден поради опасност од мини, додека американските власти велат дека меѓународните пловни патишта се расчистени и дека низ теснецот секојдневно минуваат пловила.
Американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјави дека низ Ормускиот Теснец во моментов во просек минуваат повеќе од девет милиони барели нафта дневно.
Во услови на продолжување на меѓусебните напади, Иранската револуционерна гарда соопшти дека ќе ги засили нападите врз американските бродови. Иранските државни медиуми, исто така, известија дека гардата соборила американски извидувачки балон над Ербил во северен Ирак.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата