Европската тројка – Велика Британија, Франција и Германија ја поддржаа идејата за мировни преговори меѓу Киев и Москва и заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски поставија пет услови за постигнување „праведен и траен“ договор за прекин на војната со Русија, објави Би-Би-Си.
Во заедничка изјава по разговорите во Лондон, британскиот премиер Сер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц изјавија дека „цврсто ќе застанат на страната на Украина“.
Петте услови вклучуваат прекин на борбите, започнување преговори од сегашната позиција на теренот, како и „робусни“ безбедносни гаранции за Украина.
Лидерите ја повторија потребата САД да бидат дел од процесот во време кога фокусот на американскиот претседател Доналд Трамп се префрли на војната со Иран. Уште во декември, САД ги притиснаа Русија и Украина брзо да се приклучат на план за прекин на војната, кој започна со одлуката на рускиот претседател Владимир Путин во февруари 2022 година да започне целосна инвазија на својот сосед.
Завојуваните страни неодамна ги интензивираа нападите едни против други, при што Русија користи ракети и беспилотни летала за да ги нападне украинските градови – а Украина покажува зголемени способности да стигне длабоко на руска територија со нова технологија.
Во саботата, украински беспилотни летала го погодија вториот по големина град во Русија, Санкт Петербург, додека тој беше домаќин на последниот ден од големиот економски форум. Овој напад од руските власти беше опишан како „без преседан“.
Денови претходно, Киев ја нападна периферијата на истиот град – околу 1.000 км (620 милји) од Украина – додека започнуваше водечкиот форум на Путин.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата