Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Украина „ја отворила Пандорината кутија“ со напади врз руската економска инфраструктура и најави руски напади врз најчувствителните економски сектори во Украина, објави Ројтерс во саботата.
Украина ова лето ги засили нападите со беспилотни летала врз руската економска инфраструктура, вклучувајќи ги и рафинериите за нафта, обидувајќи се да ја уништи инфраструктурата за која вели дека е од витално значење за воените напори на Русија.
Русија одговори со напади врз украинската економска инфраструктура, вклучувајќи ги и објектите поврзани со извозот на украинско жито преку Црното Море.
„Режимот во Киев се обиде да ѝ наштети на нашата економија и со тоа ја отвори Пандорината кутија. Нека очекуваат одговор што ќе ги погоди нивните најчувствителни економски сектори“, рече Путин во изјава за руската државна телевизија.
Тој нагласи дека руските напади, кои го загрозија украинскиот земјоделски извоз, нема да предизвикаат недостиг на храна на светскиот пазар бидејќи Русија ќе може да го замени украинскиот извоз, иако Киев ја нападна и руската инфраструктура за извоз на жито.
„Имаме тешкотии со испораката на нашите стоки, но ќе ги решиме овие проблеми. Следствено, нема да има недостиг на светскиот пазар“, рече тој.
Русија и Украина претходно се придржуваа до договорот постигнат со посредништво на Турција, кој овозможи безбеден извоз на жито преку Црното Море, но Русија се повлече од договорот во 2023 година.
Рускиот претседател повтори дека Москва е отворена за мировни преговори, но само врз основа на „реалноста на теренот“, а не, како што рече, „егзотични“ предлози презентирани од Украина преку медијатори.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата