Високи руски и американски функционери, вклучувајќи го и специјалниот претставник на САД, Џаред Кушнер, разговарале за носење американски инвеститор во гасоводот „Северен тек“, кој пред руската инвазија на Украина ѝиспорачуваше гас на Германија, изјавиле пет лица запознаени со ситуацијата, објави Ројтерс.
Кирил Дмитриев, близок советник на рускиот претседател Владимир Путин, и Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, учествувале во разговорите, изјавиле изворите за Ројтерс.
Кушнер, велат тие, го смета бизнисот за клучен за враќање на мирот. Таквиот договор би им овозможил на американските инвеститори да профитираат од енергетските текови во Европа по војната.
Дмитриев и Кушнер се среќаваа во Москва и во Њујорк во последните недели. Иако не е јасно до кој степен разговарале за „Северен тек“ во таа пригода, темата останува на дневен ред, изјавиле две лица за Ројтерс.
„Секој договор што Русија ќе треба да го преговара со ДФЦ (Американската меѓународна финансиска корпорација за развој) и Министерството за финансии, и тие мора да бидат од корист за американските даночни обврзници и компании“, изјавил функционер на Белата куќа кога бил прашан за разговорите за гасоводот.
Службеникот изјави за Ројтерс дека „немало неодамнешни дискусии за Северен тек“.
Дмитриев, кој се залагаше за враќање на продажбата на руски гас во Германија, минатиот месец се сретна со претставници на Министерството за енергетика на САД и Министерството за финансии за да разговараат за потенцијалните енергетски иницијативи меѓу САД и Русија.
Според Ројтерс, останува нејасно колку е заинтересиран Вашингтон за повторно започнување на испораките на руски гас во Германија, која е најголемиот потрошувач на енергија во Европа.
Еден американски функционер рекол дека со оглед на пречките, договорот нема да може брзо да стапи во сила. Гасоводите Северниот тек се под санкции од САД и ЕУ, што би го направило нелегално секое нивно повторно започнување. Трамп би можел да ги укине или олесни санкциите на САД, но ако демократите ја освојат контролата врз Конгресот на среднорочните избори следниот месец, тоа би станало потешко.
Германија и другите европски земји, кои трошат милијарди евра за обнова на своите вооружени сили за одбрана од Русија, силно би се спротивставиле на повторното отворање на Северниот тек, оценува Ројтерс.
Портпаролката на германското Министерство за економија и енергетика изјави дека „Северн тек“ и рускиот гас се под европски санкции и дека Германија пронашла алтернативи. Таа рече дека секое повторно отворање на гасоводот бара одобрение од владата и не е пожелно.
Пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Германија купуваше повеќе од половина од својот гас од Русија преку два гасоводи „Северен тек“. Тие беа деактивирани откако Москва ги прекина испораките за Европа, а потоа беа уништени во серија подводни експлозии во септември 2022 година.
Пречки во сопственост на „Северен тек“
Односите меѓу Русија и Германија, која е меѓу најголемите даватели на воена помош за Украина, достигнаа најниска точка, бидејќи официјални лица во Берлин ја обвинија Русија за водење систематска кампања на хибридни напади.
Некои германски пратеници велат дека трговските договори ќе ја зајакнат Москва.
„Ни се заканува валкан договор што ќе ја чини Европа скапо“, рече Михаел Келнер, пратеникот кој беше задолжен за енергетската политика на Германија по инвазијата на Украина. Тој додаде:„Американците и Русите ќе го делат профитот“.
Иако коалициската влада на Германија се противи на рестартирањето на гасоводот, Алтернатива за Германија (АФД), најпопуларната политичка партија во земјата, сака тоа да се заврши.
Дмитриев ќе се сретне со раководството на АФД на почетокот на следната година за да разговара за препродажбата на рускиот гас.
Но, продажбата на сопственоста на компанијата што го контролира гасоводот Северен тек на американски инвеститор или рестартирањето на снабдувањето со руски гас се соочува со пречки.
Компанијата е 51 процент во сопственост на рускиот државен енергетски гигант Газпром, додека дополнителни 31 процент се поделени меѓу два германски субјекта, а остатокот е во рацете на француски и холандски компании.
Двајцата германски акционери се обидуваат да ги задржат своите удели за да го зачуваат германското влијание во случај Газпром да го продаде својот удел, рече второто лице.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата