Руската листа на таканаречени „непријателски земји“ веќе не се применува само во надворешната економска политика, туку влијае и врз судските одлуки, семејните и сопственичките права, како и врз финансиските обврски на граѓаните.
Листата е воведена со владина уредба во март 2022 година, неколку недели по почетокот на руската инвазија врз Украина. На неа се најдоа САД, Велика Британија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Швајцарија, Украина, Австралија, Нов Зеланд и сите членки на Европската Унија.
Последиците ги чувствуваат и странските компании. Русија ги зголеми царините за увоз на жестоки алкохолни пијалаци од овие земји од 20 на 35 проценти, а имотот на одредени странски компании е ставен под привремена државна управа.
Листата се користи и во судски спорови. Рускиот Врховен суд одбил да наложи враќање на девојче во Франција, меѓу другото повикувајќи се на тоа дека земјата е на листата на „непријателски држави“. Случајот се однесува на руски државјанин кој ја однел својата ќерка во Русија, каде што ѝ обезбедил руско државјанство, и покрај претходната согласност од мајката за патување во други земји.
Дополнително, руската Дума поддржала предлог-закон со кој би се овозможила регистрација на возила украдени или незаконски изнесени од „непријателски земји“. Претседателот Владимир Путин, пак, потпишал уредба според која лицата што не можат да докажат руско државјанство, државјанство на „пријателска“ земја или дозвола за престој автоматски ќе се сметаат за лица од „непријателска“ земја.
Со друга уредба на руските должници им се овозможува да ги прекинат плаќањата кон доверители од државите на листата. Ваквите мерки предизвикуваат загриженост бидејќи политичките определби се применуваат и во области што според меѓународното право треба да се решаваат врз основа на правните факти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата