Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изјави дека пристапувањето на Турција во Европската Унија повеќе не е приоритет за земјата, иако Анкара нема да ја затвори вратата за членство во блокот.
„Европската Унија не ни е приоритет“, изјави Ердоган за телевизијата „Ал Џезира“.
Според него, токму Европската Унија би била на загуба доколку продолжи да ја одбива Турција.
Турција е кандидат за членство во ЕУ од 1999 година. Пристапните преговори започнаа во 2005 година, но оттогаш се во застој поради континуираното назадување на земјата во однос на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на основните права.
Критики поради притисокот врз опозицијата
Турското раководство во последно време се соочува со критики поради постапките против опозицијата, особено по апсењето на политичкиот ривал на Ердоган и поранешен градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу.
Судењето против Имамоглу, кое предизвикува големо внимание, треба да продолжи во понеделник во судот во истанбулскиот округ Силиври. Политичарот се соочува со обвиненија за корупција, перење пари и формирање криминална организација.
Турската опозиција смета дека постапката против Имамоглу е политички мотивирана и го обвинува Ердоган дека преку правосудството се обидува да го отстрани својот најистакнат политички ривал. Владата, пак, негира дека врши какво било влијание врз правосудството.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата