Искусна чуварка во зоолошка градина во Холандија почина неколку дена откако леопард ја нападна во нејзиниот ограден простор, потврди сафари паркот.
Жената, која работела во зоолошката градина Биксе Берген 40 години, се грижела за два персиски леопарди кога еден од нив ја нападнал на 24 октомври. Таа претрпела сериозни повреди на главата и вратот и била подложена на итна операција, но била прогласена за мртва три дена по нападот.
Паркот соопшти дека ќе биде покрената независна истрага за да се утврдат сите околности на трагедијата.
Сафари паркот во јужна Холандија соопшти дека чуварката ја започнала својата кариера таму уште на 17-годишна возраст и работела таму, со мали прекини, четири децении.
„Нејзината смрт длабоко нè погоди и нашите мисли се со нејзиното семејство, пријателите и најблиските“, се вели во соопштението.
Двата леопарда биле преместени во затворен простор поради лошите временски услови. Не е познато точно што се случило во оградениот простор, бидејќи таму нема камери за надзор.
Локалниот новински портал NL Times објави дека чуварката, и покрај повредите, успеала преку радио да ги информира своите колеги.
Таа била префрлена во болница со хеликоптер во критична состојба.
Портпаролот на паркот изјави за локалниот медиум Омруп Брабант дека леопардите се однесувале природно и дека нема да бидат еутанизирани.
„Тие се предатори и ќе останат такви“, соопштија од паркот.
Управата објави дека ќе биде поставено посебно спомен-место каде што посетителите и вработените ќе можат да ѝ оддадат почит на починатата чуварка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата