Неколку американски и меѓународни медиуми објавуваат дека Соединетите Американски Држави (САД) и Иран постигнале прелиминарен договор за продолжување на актуелниот прекин на огнот и дека се чека конечно одобрение од американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Новинската агенција Ројтерс вчера (28 мај), повикувајќи се на четири извори, објави дека договорот предвидува продолжување на примирјето за дополнителни 60 дена што ќе овозможи слободен проток на сообраќај низ стратешкиот Ормуски теснец и ќе им даде време на преговарачите на двете завојувани страни да продолжат со разговори околу потешките прашања, како што е нуклеарната програма на Техеран.
Веста доаѓа по извештаите за нови тензии на Блискиот Исток. Иранските новински агенции објавија дека вчера силите на земјата започнале ракетни напади, за кои првично се веруваше дека биле предупредувачки истрели кон бродови во Ормускиот теснец.
Во меѓувреме, САД објавија дека вовеле нови санкции врз иранската воена трговија со нафта, насочени кон осум бродови вклучени во транспортот на ирански нафтени производи на глобалните пазари.
Иако не станува збор за сеопфатен договор за прекин на непријателствата за кој Трамп повеќе пати изјави дека САД го бараат, новиот договор, доколку биде потврден, би претставувал најголем чекор кон мир од воздушните напади на САД и Израел врз Иран на 28 февруари.
Ројтерс објави дека Трамп сè уште не го одобрил договорот, додека Белата куќа одби да коментира.
Техеран не го коментираше извештајот, кој прв го објави американскиот портал „Аксиос“, повикувајќи се на свои извори. Во врска со наводите на порталот, иранската новинска агенција Тасним соопшти дека текстот на договорот не е финализиран или потврден.
Други медиуми, вклучувајќи ги АФП, ДПА, Си-ен-ен, „Њујорк тајмс“, Фокс њуз, Си-би-ес њуз и Би-би-си цитираа извори кои велат дека е постигнат прелиминарен договор за продолжување на прекинот на огнот за 60 дена.
За време на брифингот во Белата куќа, американскиот секретар за финансии Скот Бесент одби да го потврди договорот, велејќи дека секогаш е грешка да се говори пред претседателот Доналд Трамп да излезе со одговор.
„Секогаш е грешка да се излезе пред претседателот…сè ќе биде одлука на претседателот“, рече тој, пренесе Би-би-си.
Инаку, во извештајот на „Аксиос“ се вели дека условите на договорот во голема мера биле финализирани до 27 мај, но додава дека двете страни сè уште треба да добијат одобрение од своите политички лидери.
Прекинот на огнот меѓу САД и Иран првпат беше објавен на почетокот на април, пред Трамп да го одобри неговото продолжување на неопределено време.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата