Поддршката за францускиот претседател Емануел Макрон се намалила за седум процентни поени во споредба со крајот на јуни и паднала на рекордно ниски 18 отсто. Ова го покажува најновото истражување на институтот „Одокса“ и консултантската куќа „Маскарет“.
Според анкетата, само 18 отсто од испитаниците сметаат дека Макрон добро ја извршува претседателската функција, додека дури 82 отсто имаат негативен став, објави BFMTV.
Пад е забележан и кај премиерот Себастиен Лекорни. Неговата популарност се намалила за осум процентни поени, па сега само 24 отсто од анкетираните го оценуваат како добар премиер.
Истражувањето е реализирано во период кога во Франција расте незадоволството поради високите цени на горивата. Седумдесет и пет отсто од испитаниците се изјасниле дека го поддржуваат проширувањето на помошта за граѓаните кои во голема мера зависат од автомобилите, а 62 отсто сметаат дека владата треба да издвојува повеќе средства за оваа намена, и покрај високиот буџетски дефицит.
Анкетата била спроведена пред телевизиското обраќање на Макрон на TF1 и France 2, во кое тој зборувал токму за мерките поврзани со цените на горивата.
Во однос на политичарите кои се споменуваат како можни кандидати на претстојните претседателски избори, 35 отсто од испитаниците изјавиле дека имаат поддршка или симпатии кон лидерите на Националниот собир – Марин Ле Пен и Жордан Бардела. Нивната поддршка се намалила за четири, односно пет процентни поени во споредба со претходното мерење.
Поранешниот премиер Едуар Филип ужива поддршка од 27 отсто, Франсоа Оланд од 22 отсто, додека кандидатот од центар-левицата Рафаел Глуксман е поддржан од 20 отсто од испитаниците.
Анкетата била спроведена онлајн.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата