logo
logo
logo

ЈАПОНИЈА ЈА МЕНУВА ПОЛИТИКАТА ЗА СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ: Построги критериуми и повисоки давачки

Vecer | 01.10.2026

ЈАПОНИЈА ЈА МЕНУВА ПОЛИТИКАТА ЗА СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ: Построги критериуми и повисоки давачки

Јапонија ја зголеми таксата за постојан престој за странски државјани за дваесет пати; од денес, таа изнесува 200.000 јени (приближно 1.270 долари). Воведени се и нови, построги критериуми за апликантите во однос на приходите, придонесите за пензиско осигурување и познавањето на јапонскиот јазик. Претходно оваа недела се создадоа долги редици пред канцелариите за имиграција бидејќи многумина сакаа да ги поднесат своите барања пред поскапувањето; во главната канцеларија во Токио, времето на чекање надминуваше седум часа, пренесува Би-би-си (BBC).

Повисоките такси се дел од низата промени во имиграциската политика спроведени од владата. Мерките имаат за цел да воспостават подобра контрола врз брзорастечкиот број на странски државјани. Уште во јули, властите ги зголемија таксите за визи за сите странци за пет пати – што претставуваше прво такво зголемување во последните 50 години – наведувајќи ги инфлацијата и флуктуациите на девизните курсеви како причини.

Иако имиграцијата е политички чувствителна тема во Јапонија, а прописите се строги, населението на земјата, кое старее, сè повеќе се потпира на странски работници за да го пополни недостигот на работна сила. До крајот на 2025 година, бројот на странски државјани во Јапонија надмина 4,12 милиони, што претставува рекорден пораст од 9,5% во споредба со претходната година.

Во исто време, ова предизвика загриженост кај дел од јавноста во врска со имиграцијата и општествените промени. Управувањето со имиграцијата е еден од приоритетите на премиерката Такаичи откако таа ја презеде функцијата минатиот октомври.

Неколку дена пред стапувањето во сила на новите тарифи, Такаичи објави на платформата „Икс“ (X) дека владата признава оти „некои членови на јавноста може да чувствуваат загриженост или чувство на неправда“ во врска со зголемениот број на странски жители.

„За да одговори на овие грижи, владата работи на тоа да обезбеди соодветна регулација на политиките за странските државјани, така што и јапонските граѓани и странските жители да можат да живеат безбедно и сигурно“, додаде Такаичи.

Пред поскапувањето, странските државјани без постојан престој плаќаа 6.000 јени за секоја промена на статусот или продолжување на престојот. Од денес, 1 октомври, висината на надоместокот зависи од времетраењето на планираниот престој и се движи од 10.000 јени за период од три месеци или пократко, до 75.000 јени за период од пет години или подолго. Кандидатите кои се соочуваат со финансиски тешкотии, како и бегалците, имаат право на попуст.

Секој што сака да добие статус на постојан престој сега мора да има стабилен приход што е еднаков или повисок од јапонскиот просек. Според податоците од јули, просечниот приход на домаќинствата во 2024 година изнесувал 5,75 милиони јени. Од април следната година ќе се воведе и услов за основно познавање на јапонскиот јазик. Локалните медиуми известуваат дека ова веќе предизвикало нагло зголемување на бројот на запишани во училишта за јапонски јазик и пријавени за официјалниот испит за познавање на јазикот. Проценетите идни пензиски примања на кандидатите исто така мора да одговараат на оние на лице кое уплаќало придонеси во пензискиот систем во текот на 30 години. Доколку предвидените примања се под овој праг, може да се земе предвид вредноста на други финансиски средства.

Некои се незадоволни

Микаја Михаела-Спенс, која живее и работи во Токио веќе десет години, не успеала да ја собере целата потребна документација за постојан престој пред поскапувањето. Оваа 37-годишнинка сепак планира да поднесе барање, но ги критикува новите мерки.

„Мојата првична реакција беше дека со странците се постапува онака како што ѝ одговара на државата во даден момент. Од нас се очекува да заработуваме повеќе од просечниот Јапонец и да плаќаме значително повисоки надоместоци само за да работиме во Јапонија и да плаќаме даноци“, изјави таа за Би-Би-Си. „Веќе постојат големи јазични и културни бариери што го попречуваат доаѓањето на талентирани луѓе. Ова едноставно не ми изгледа како добро осмислен долгорочен план“, заклучи таа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk