logo
logo
logo

Зајакнување на стратешкото пријателство со Франција

ФРАНЦИЈА ДО МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ: Сиљановска-Давкова со делегација од Сенатот за зајакнување на партнерството

Vecer | 25.09.2026

ФРАНЦИЈА ДО МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ: Сиљановска-Давкова со делегација од Сенатот за зајакнување на партнерството

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со делегација на Сенатот на Француската Република, на која биле потврдени пријателските односи и значењето на француската поддршка за европскиот пат на Македонија.

Делегацијата ја предводеше Марта де Сидрак, претседателка на Групата за пријателство Франција–Западен Балкан, а во нејзин состав беа и сенаторите Арно Базен, Ален Милон и Лоранс Арибе, советникот Гијом Рендино и францускиот амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер. Состанокот претставуваше можност за разгледување на досегашната соработка и за продлабочување на партнерството меѓу двете земји.

Претседателката ја поздрави посетата на француските сенатори и активниот ангажман на Групата за парламентарно пријателство во поддршката на регионот на патот кон ЕУ. Таа ја нагласи важноста на континуираниот политички дијалог и на парламентарната соработка, во духот на принципите и вредностите утврдени во основачките акти.

Сиљановска-Давкова укажа на неприродно и нелогично долгиот македонски пат кон Брисел, којшто, наместо преку Копенхаген, врвел преку метрополите на соседите, членки на ЕУ, соочувајќи се со препреки и услови од идентитетска, наместо од реформска природа.

Таа потсети дека уште во 1992 година, Бадентеровата комисија позитивно ја оценила нашата уставна усогласеност со Европската конвенција за човекови права и со Рамковната конвенција за заштита на малцинствата, а во 2022, Венецијанската комисија во Мислењето за Законот за употреба на јазиците, констатирала повисоки стандарди на заштита на малцинските права од европските.

„Исто така, претседателката посочи на македонскиот евроинтеграциски парадокс, кога, по десетина позитивни годишни извештаи за почитување на правата на заедниците, за прв пат, во 2023 година, во Извештајот на бугарскиот пратеник Илхан Ќучук се констатира потребата од внесување на Бугарите во нашиот устав, врз основа на вториот записник/протокол на Македонско-Бугарската комисија за историски и образовни прашања, потпишан од министерот Османи и министерката Генчовска, иако во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, таква одредба нема.

Таа прашува: може ли со записник/протокол, двајца министри да „амандманираат“ билатерален договор; може ли услов од записник да стане дел од Заклучоците на Советот, а тоа да не се проблематизира и спори; може ли некоја држава да бара од друга промена на уставот, а да се заборави на филозофијата на Договорот за ЕУ, односно одредбите за почитување на: националниот и културниот идентитет на државите и нациите, уставните и политичките структури, интегритетот и дигнитетот на граѓаните; може ли некој во демократска држава да гарантира уставни измени, кога пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување?“, соопштија од кабинетот на Сиљановска – Давкова по средбата.

Според неа, македонскиот Устав, односно членот 48 и амандманот VIII ги гарантираат малцинските права не само на наброените заедници во Преамбулата, туку на „другите“, за разлика од бугарскиот, којшто, освен антидискриминаторската клаузула од членот 6, не содржи ниту една гаранција, па Венецијанската комисија, во Мислењето од 2008 и препорачува со уставна измена да го стори тоа.

Таа го афирмираше и прашањето за односот на Бугарија кон пресудите на Судот за човекови права во Стразбург, во којшто има и свој судија.

Претседателката на Групата за пријателство Франција–Западен Балкан, Марта де Сидрак, изрази разбирање за состојбата во којашто се наоѓа земјава и ја потврди француската поддршка за нејзината европска перспектива, потенцирајќи дека државите од Западен Балкан заслужуваат членство во ЕУ врз основа на мерит системот.

Таа изрази уверување дека Групата за пријателство Франција–Западен Балкан ќе продолжи да го негува дијалогот, европските вредности и наследството на Робер Бадентер, како нејзин основач.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk