Кинеските власти во саботата ги повикаа Соединетите Американски Држави веднаш да ги прекинат шпионските активности насочени кон кинеските компании, предупредувајќи дека Пекинг има „цврста решителност и доволно средства“ за да возврати.
Кинеското Министерство за трговија соопшти дека Вашингтон покажува „гангстерска логика на хегемонија“, одговарајќи на забелешките на заменик-директорот на ЦИА, Мајкл Елис, кој претходно оваа недела изјави дека кинеските компании се легитимни цели на шпионски активности во области како што се вештачката интелигенција, полупроводниците и биотехнологијата.
Кинеското Министерство процени, пишува „Саут Чајна Морнинг Пост“, дека економската конкуренција е вообичаена деловна активност и дека предноста во неа се постигнува преку технологија, талент и иновации.
Сепак, Вашингтон, според Пекинг, „ја замаглил линијата помеѓу конкуренцијата и безбедноста“ и ја претставил економската конкуренција како закана.
Пекинг потсети дека Вашингтон во 2014 година издал директива со која им забранува на американските разузнавачки служби да собираат приватни комерцијални информации и деловни тајни од странство со цел да добијат конкурентска предност за американските компании.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата