Аксел Рудакубана, осуден на 52 години затвор за убиството на три девојчиња и нападот врз уште десет лица во Саутпорт, е префрлен од затвор во психијатриска болница. Рудакубана во јули 2024 година нападна учесници на детска работилница за танцување посветена на музиката на Тејлор Свифт, пренесува SkyNews.
Адвокатот на семејствата: Се обидува повторно да манипулира со системот
Крис Вокер, адвокат од адвокатската канцеларија „Бонд Тарнер“, кој ги застапува семејствата на убиените девојчиња, изјави дека веста за префрлањето на Аксел Рудакубана особено тешко ги погодила, бидејќи доаѓа непосредно пред втората годишнина од нападот. Годишнината ќе биде одбележана следната среда.
„Семејствата што ги застапуваме беа информирани за ова во изминатите 48 часа. Оваа вест ќе ги погодеше тешко во кое било време, но се случува токму пред втората годишнина од трагедијата. Сметаме дека ова е уште еден потег на Аксел Рудакубана, со кој, како што изгледа, повторно се обидува да манипулира со системот“, изјави Вокер.
„Добивме само основни информации. Во моментов им обезбедуваме поддршка на семејствата и итно бараме средба со надлежните институции за целосно да ја разбереме ситуацијата пред да дадеме дополнителни коментари“, додаде тој.

Префрлен во психијатриска болница
Осуденици кои претставуваат висок безбедносен ризик, а поради ментални нарушувања не можат да ја издржуваат казната во затвор, можат да бидат префрлени на строго обезбедени психијатриски оддели. Таму имаат статус на пациенти, а не на затвореници.
Префрлањето на Рудакубана следува откако во мај минатата година, додека бил во затворот Белмарш, наводно нападнал затворски службеник полевајќи го со врела вода.
Психијатриската болница „Бродмур“ во Беркшир е најстарата од трите британски болници со највисоко ниво на обезбедување. Во неа низ годините биле сместени некои од најозлогласените британски криминалци, меѓу кои Рони Креј и серискиот убиец Питер Сатклиф, познат како „Јоркширскиот касап“.
Можно враќање во затвор
Според британскиот Закон за ментално здравје, Министерството за правда е должно да ја прифати препораката на клиничките експерти за префрлање на затвореник во психијатриска установа со висок степен на обезбедување.
Осуденик кој е сместен во ваква болница мора да учествува во лекувањето и терапиите, што е предуслов за какво било разгледување на негово враќање во затвор или евентуално пуштање на слобода. Доколку стручните лица проценат дека болничкото лекување повеќе не е неопходно, законот овозможува тој веднаш да биде вратен во затвор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата