НОВА ЕРА ЗА ВОЗАЧИТЕ ВО ЕУ ОД 2027 - Големи промени на патиштата

Vecer | 19.11.2026

НОВА ЕРА ЗА ВОЗАЧИТЕ ВО ЕУ ОД 2027 - Големи промени на патиштата
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Возачите и учесниците во сообраќајот ширум Европската Унија во 2027 година ги очекува низа нови прописи и дигитални реформи, меѓу кои целосно укинување на класичните лепливи вињети во Австрија, воведување дигитална наплата на патарини во Хрватска и Белгија, построга прекугранична наплата на сообраќајните казни и задолжителен „пасош за батерии“ кај електричните возила, пренесува „Фокус онлајн“, повикувајќи се на прегледот на германскиот автоклуб ACE.

Во Хрватска од 1 март 2027 година стартува новиот дигитален систем за наплата на патарина без рампи, каде на 81 наплатно место веќе се поставени потребните камери и предаватели, додека Австрија од следната година целосно ги укинува налепниците и преминува исклучиво на електронски вињети поврзани со регистарската табличка, при што годишните налепници од 2026 година ќе важат најдоцна до 31 јануари 2027. Дигитална вињета за автопатиштата, државните и регионалните патишта воведува и Белгија од мај 2027 година за сите патнички автомобили, кампери и лесни товарни возила до 3,5 тони, а цената ќе се движи од 8,10 евра за дневна вињета за електрично возило до 125 евра годишно за постари автомобили со еколошки стандард од Еуро 0 до Еуро 3.

Покрај новините со патарините, Европската Унија од 20 јули 2027 година воведува построги правила за прекугранична наплата на сообраќајните глоби, со што земјите-членки многу полесно и подоследно ќе ги санкционираат прекршоците сторени во странство, вклучувајќи опасно престигнување, непрописно паркирање или неослободување коридор за возила со право на првенство. Дополнително, од 18 февруари 2027 година во целата Унија станува задолжителен таканаречениот батериски пасош за електричните автомобили, велосипеди и тротинети, кој преку QR-код ќе овозможи увид во состојбата на батеријата, историјата на полнење, преостанатата гаранција и јаглеродниот отпечаток, што ќе биде клучно при купопродажба на половни електрични возила.

Значајни промени се подготвуваат и во Германија, каде возачката дозвола од јануари 2027 година ќе може да се чува во новиот европски дигитален паричник на паметните телефони за внатрешна употреба, иако за патување во странство сè уште ќе биде потребна класичната пластична картичка. Германската влада најавува и реформа на обуката за возачи со скратување на практичниот испит за Б-категорија од 30 на 25 минути и вкупното времетраење на полагањето од 55 на 40 минути со цел да се намалат трошоците за кандидатите, но истовремено возачите на бензинци и дизелаши ќе се соочат со ново поскапување на горивата поради зголемувањето на задолжителната квота за намалување на стакленичките гасови.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk