Припадници на едно од најранливите домородни племиња во светот стапија во контакт со надворешниот свет за да побараат храна – настан што предизвика загриженост кај организациите за човекови права во врска со сè поинтензивното уништување на амазонската прашума, пренесува британскиот весник „Телеграф“.
Во понеделникот, околу 20 припадници на домородниот народ Ава (Awá) им пристапија на бразилските власти барајќи јамс – тропски корен што го користат како храна. Откако ја добиле храната, тие се вратиле во шумата, според „Срвајвал интернешнал“, организација која се залага за правата на домородните народи.
Средбата била снимена од припадници на соседната домородна група Гваџаџара. На снимката се гледа група луѓе како стојат среде густа вегетација, на само неколку метри од претставниците на властите. Тие носеле копја и торби префрлени преку рамениците, а биле украсени со традиционални украси од пердуви и ѓердани.
Според „Срвајвал интернешнал“, ова е првиот намерен контакт помеѓу толку голема група од народот Ава и надворешниот свет во последните 50 години. Тие комуницирале користејќи гестови со рацете.
Бразилските власти потврдија дека поединците припаѓаат на група која веќе е евидентирана во официјалната база на податоци за изолирани домородни заедници и напоменаа дека нивната територија е под надзор на специјализирани тимови за заштита.
По средбата, во областа биле испратени здравствени работници и експерти за домородни прашања, за да ги проценат потенцијалните здравствени ризици и да постапат според утврдените протоколи за вакви ситуации. Сара Шенкер, директорка на програмата за Бразил во „Срвајвал интернешнал“, објасни дека заемното разбирање главно се одвивало преку гестови. Постои можност припадниците на народот Гваџаџара да го разбрале зборот со кој народот Ава го нарекува јамсот, бидејќи јазиците на двата народа припаѓаат на пошироката група јазици тупи.
Иако припадниците на народот Ава се познати како исклучително вешти ловци, експертите сметаат дека сè потешкото наоѓање храна ги принудило да побараат помош надвор од својата заедница.
„Најзагрозеното племе во светот“
Организацијата „Срвајвал интернешнал“ со години предупредува за опасностите на кои се изложени припадниците на народот Ава, нарекувајќи ги најзагрозеното племе во светот. Се проценува дека околу сто припадници на тој народ сè уште живеат без редовен контакт со надворешниот свет, додека останатите живеат во постојани населби.
Во последниве години, нивната територија Арарибоја сè почесто е цел на нелегални дрвосечачи, ловци и сточари, кои навлегуваат во шумата и ги уништуваат природните ресурси од кои зависи опстанокот на домородното население. Ваквите упади го загрозуваат не само нивниот традиционален начин на живот, туку и самата можност за нивен опстанок. Особено загрижувачки е фактот што припадниците на изолираните заедници се сè повеќе принудени да ги напуштаат областите каде што живееле со генерации, без контакт со остатокот од светот.
Чуварите на шумата ги ризикуваат своите животи
Заштитата на областа Арарибоја во голема мера е преземена од група припадници на народот Гваџаџара, познати како „Чувари на шумата“. Станува збор за домородни активисти кои, со ограничена помош од државата, патролираат низ шумата и се обидуваат да спречат нелегална сеча, криволов и узурпација на земјиштето. Нивната борба често завршува со насилство. Според тврдењата на „Чуварите на шумата“, најмалку шестмина припадници на нивната заедница биле убиени за време на одбраната на територијата.
Тие предупредуваат дека климатските промени, шумските пожари, уништувањето на шумите и нелегалното присвојување на земјиштето директно ги загрозуваат животите на народот Ава, чиј опстанок зависи од ловот и собирањето храна.
„Чуварите на шумата отсекогаш го штителе народот Ава од натрапници, дури и по цена на губење на сопствените борци. Бараме итна реакција од надлежните органи, за да се почитува она што народот Ава го смета за најдобро за себе, како и да се заштитат нивните животи, здравје, безбедност и достоинство“, изјави портпаролот на групата.
Контактот со надворешниот свет може да биде смртоносен
Според проценките на организациите за заштита на домородните народи, во шумите низ целиот свет живеат околу 196 изолирани домородни групи. Сите тие се изложени на сериозни закани поради уништувањето на шумите, климатските промени и навлегувањето на луѓе на нивните територии.
Но, за ваквите заедници, контактот со надворешниот свет носи дополнителна опасност. Поради долготрајната изолација, припадниците на овие заедници може да бидат особено подложни на заразни болести кои се вообичаени во остатокот од светот, а кои, по остварување контакт, можат брзо да се прошират низ заедницата и да предизвикаат катастрофални последици.
Најголемата позната изолирана домородна заедница е народот Машко Пиро, кој живее во перуанскиот дел на Амазонија. Во последниве години, нивната територија е сè повеќе изложена на упади од дрвосечачи, што доведе до насилни судири. Во текот на 2024 година, двајца дрвосечачи беа убиени во напад извршен од припадници на оваа заедница.
Претходно овој месец, десничарската влада на Перу го отфрли предлогот за дополнителна заштита на шумската област на народот Машко Пиро, откажувајќи се од претходниот договор за проширување на резерватот. Иако голем дел од оваа област е заштитен уште од 2002 година, значителни делови се доделени на компании преку концесии за сеча на дрвја.
„Опкружени со уништување“
Керолајн Пирс, извршна директорка на организацијата „Сарвајвал интернешнал“, предупреди дека неодамнешната средба меѓу припадници на народот Ава и претставници на бразилските власти ја истакнува сериозноста на ситуацијата.
„Овој контакт е загрижувачки показател за тоа како постојаните упади на териториите на изолираните домородни народи ги ставаат во реална опасност оние кои досега успевале самостојно да опстанат и да се прехранат“, изјави Пирс.
Според неа, народот Ава е изложен на сè поголем притисок, бидејќи натрапници навлегуваат на нивната територија од сите страни.
„Изолираните припадници на народот Ава се под екстремен притисок. Натрапници навлегуваат од сите правци, потиснувајќи ги кон еден сè помал остров од амазонска прашума – остров опкружен со уништување“, предупреди таа.
Таа ги повика бразилските власти да ги обезбедат ресурсите неопходни за ефективна заштита на територијата Арарибоја.
„Бразилската влада мора да ги обезбеди ресурсите потребни за заштита на Арарибоја од дрвосечачите и сточарите, кои ја уништуваат територијата грубо кршејќи го законот“, заклучи Пирс.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата