Најбогатиот човек на светот, Илон Маск, изјави дека се чувствува прилично глупаво што потрошил речиси половина милијарда долари за финансирање на кампањите на републиканските кандидати, за на изборите на средината на мандатот, одржани на почетокот на ноември, убедлива победа да однесат демократите.
„Се чувствувам прилично глупаво што потрошив толку пари, а добив толку малку. Но, можеби без тоа ќе беше многу полошо“, изјави Илон Маск во виртуелното обраќање на конференцијата DealBook на „Њујорк тајмс“.
Основачот на „Спејс екс“ и „Тесла“ издвои повеќе од 440 милиони долари за поддршка на републиканските кандидати, од кои повеќето ги загубија изборите на кои демократите ја презедоа контролата врз двата дома на американскиот Конгрес.
„Кога би можел да го вратам времето, би потрошил помалку пари“, рече првиот трилионер во историјата на светот, обраќајќи се од Кина, каде што, во придружба на американскиот претседател Доналд Трамп, учествува на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).
„Ова секако покажува дека американските избори не се вртат само околу парите“, оцени Маск.
Тој, меѓу другото, донираше повеќе од 220 милиони долари за поранешниот јавен обвинител на Тексас, Кен Пакстон, републиканец кој во трката за Сенатот во таа сојузна држава загуби од 37-годишниот демократ Џејмс Таларико.
Тексас е седиште на неколку компании на Маск, меѓу кои и „Спејс екс“ и „Тесла“, а таму тој гради или веќе изградил огромни производствени капацитети, пишува Франс прес.
На прашањето за време на конференцијата дали ја споделува загриженоста во врска со идната демократска гувернерка на Тексас, Џина Хинохоса, која во јануари треба да го наследи републиканецот Грег Абот, Маск оцени дека таа ќе биде прилично умерена.
„Не мислам дека таа е гувернерка на крајната левица и, според сè што сум слушнал за неа, верувам дека работите во Тексас добро ќе се одвиваат со Џина како гувернерка“, рече тој.
Маск на истиот настан изјави дека не припаѓа на движењето МАГА, неформалното политичко движење на Трамп, наречено според неговиот слоган „Да ја направиме Америка повторно голема“ (Make America Great Again), пренесува Би-Би-Си.
„Не сум сигурен што значи МАГА. Ако тоа подразбира слепа приврзаност кон политиките на Републиканската партија, тогаш јас дефинитивно не сум дел од тоа“, заклучи тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата