logo
logo
logo

ЗАГРИЖУВАЧКИ СНИМКИ ОД КАНАДА - Торонто во пламен, чадот се шири кон САД

Vecer | 16.07.2026

ЗАГРИЖУВАЧКИ СНИМКИ ОД КАНАДА - Торонто во пламен, чадот се шири кон САД

Чадот од повеќе од стотина активни шумски пожари на северот на Онтарио го прекри Торонто, инаку еден од градовите кои постојано завршуваат на листите за најпријатни места за живеење, до таа мера што во моментов го има најлошиот квалитет на воздухот во светот, додека над градовите на североистокот на САД се надви жолтеникав чад, пишува „Гардијан“.

Канадската метеоролошка служба (Environment Canada) во средата издаде здравствени предупредувања. Според податоците на швајцарската технолошка компанија „IQAir“, која го следи квалитетот на воздухот ширум светот, Торонто го зазеде првото место на листата на градови со најзагаден воздух.

Градот истовремено го зафати и топлотен бран кој го урна рекордот стар три децении. Во центарот на Торонто беше измерена температура од 37,3 Целзиусови степени, додека температурата на пистите на главниот меѓународен аеродром достигна дури 55 степени. Пожарите што беснеат во северозападниот дел на Онтарио предизвикаа задолжителни евакуации на жителите. Снимка од воз во близина на местото Армстронг покажа колку брзо се шири огнот. „Ова би можело да нè стигне тука... Станува малку застрашувачки. Сега сме целосно опкружени со оган“, велат вработените од возот во снимката.

Канадската железничка компанија „Canadian National“ потврди дека екипажот бил безбедно евакуиран од тоа подрачје.

CNN извести дека предупредувања поради чадот се издадени за голем дел од сојузните држави Мичиген, Минесота и Висконсин. Во текот на остатокот од неделата се очекува погуст чад да ги зафати Њујорк, Вашингтон и другите градови долж источниот брег на САД, пренесува „Гардијан“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk