Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, прогласи вонредна состојба додека екипите за итни интервенции се борат со времето за да го запрат истекувањето на токсична хемикалија во производен погон во округот Оринџ.
Поради ризик од пукање на контејнерот кој содржи лесно запалива супстанција, илјадници луѓе се евакуирани од претпазливост, а официјалните лица предупредуваат на можна експлозија, пишува Би-би-си (BBC).
Резервоарот е испапчен, температурата расте
Резервоарот содржи околу 26.500 литри метил метакрилат, многу испарлива и запалива супстанција која се користи во производството на пластика. Шефот на противпожарната служба во округот Оринџ, Крег Кови, изјави дека резервоарот „буквално се испапчил“ и дека постојат две можни сценарија: „Дали ќе пукне и ќе протече или ќе експлодира?“
Официјалните лица во саботата известија дека температурата во внатрешноста на резервоарот била повисока отколку што се мислело претходно и дека продолжува да расте. Иако во петокот навечер користеле дронови за мерење на надворешната температура и верувале дека го оладиле резервоарот на околу 16°C, ситуацијата се покажала како многу посериозна.
Кога тимовите успеале да се приближат и да го прочитаат мерачот на самиот резервоар, сфатиле дека внатрешната температура е многу повисока ‒ 32°C, со зголемување од приближно половина степен Целзиус на час.
Кови изрази надеж дека службите за итни случаи ќе успеат да ги забават хемиските реакции кои предизвикуваат загревање на супстанцијата и создавање притисок во контејнерот. „Не можеме едноставно да дозволиме работата да излезе од контрола и да експлодира, тоа е неприфатливо за нас“, рече Кови.
Агресивни планови за најлошото можно сценарио
Причината за дефектот на резервоарот сè уште се истражува, а службите за вонредни состојби континуирано го прскаат со вода за да ја стабилизираат температурата. Официјалните лица соопштија дека „неисправен вентил“ создал „дополнителни оперативни предизвици“.
Кови предупреди дека ситуацијата е критична. „Ова ќе се смири, само не знаеме кога. Се трудиме да сфатиме кога и како можеме да го спречиме тоа“, изјави тој. Додаде дека се развиваат „многу агресивни планови“ во случај да попушти интегритетот на резервоарот. Се градат насипи и брани за да се задржат хемикалиите во случај на истурање и да се спречи тие да стигнат до одводните канали или до океанот.
Ако резервоарот протече, „многу опасни хемикалии“ ќе се истурат на паркингот околу објектот. „Другата можност е резервоарот да влезе во термичка верижна реакција и да експлодира, што би влијаело на околните резервоари кои исто така содржат гориво или хемикалии“, објасни Кови.
Евакуација и предупредувања за населението
Фабриката за воздухопловна индустрија се наоѓа во градот Гарден Гроув, на околу осум километри од Дизниленд, кој е надвор од зоната за евакуација и работи нормално. Локалните училишта се затворени од претпазливост, а излезите од неколку главни автопати се блокирани за да се ограничи пристапот до областа.
Здравствената службеничка на округот Оринџ, д-р Регина Чинсио-Квонг, изјави дека секој што ќе забележи „остар мирис на овошје“ треба да ги извести властите. „Ако го почувствувате, тоа не значи нужно дека сте изложени на ниво што предизвикува симптоми. Но, не сакаме воопшто да го чувствувате“, рече таа.
Вдишувањето на испарувањата може да предизвика респираторни проблеми, иритација на очите и вртоглавица, но оние надвор од зоната на евакуација од 1,6 километри би требало да бидат безбедни.
Марк Олсен е меѓу евакуираните луѓе. „Ме разбудија сирените кои поминуваат низ нашите улици. Потоа ми кажаа да се евакуирам, па зедов неколку работи и заминав“, изјави тој за NBC LA. Неизвесноста околу тоа што ќе се случи и кога ќе може да се врати дома му предизвикува голема фрустрација.
Реакција на компанијата
Фабриката е во сопственост на компанијата „GKN Aerospace“, производител на делови за авиони со седиште во Велика Британија. Портпаролот на компанијата им се извини на локалните жители.
„Ситуацијата сè уште се развива и ние сме целосно фокусирани на соработката со службите за вонредни состојби, специјализираните тимови за опасни материјали и надлежните органи за да ја осигураме безбедноста на локалната заедница, на нашите вработени и на сите останати кои се вклучени“, се наведува во соопштението.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата