Иран ја прекина размената на пораки со Соединетите Американски Држави преку посредници поради израелските напади во Либан, извести новинската агенција „Тасним“, а пренесува „Скај Њуз“. Според нивните наводи, иранските преговарачи повеќе нема да водат разговори ниту ќе разменуваат предлози преку посредници.
„Тасним“ наведува дека ситуацијата во Либан била клучен дел од договорот за примирје и дека тоа сега е прекршено „на сите фронтови, вклучително и во Либан“. Нема да има никаков дијалог додека не се уважат ставовите на Иран и Хезболах за ова прашање, пишува „Тасним“. Агенцијата истакнува дека иранските официјални лица веќе извесно време бараат прекин на израелската офанзива и целосно повлекување на израелските сили од окупираните подрачја.
„Тасним“ исто така известува дека Иран започнал со целосна блокада на Хормушкиот Проток, еден од најважните светски поморски патишта за транспорт на нафта и гас. Техеран претходно тврдеше дека на одредени бродови им дозволува поминување под сопствени услови. Според истите наводи, цел би можел да стане и протокот Баб ал-Мандеб, кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и Индискиот Океан, а нападите би можел да ги спроведува таканаречениот „фронт на отпорот“.
Иран е сојузник на јеменското милитантно движење Хути, кое делува во близина на овој стратешки важен поморски премин. Претходно во текот на денот, неколку високи ирански официјални лица јавно го осудија ширењето на израелската воена операција во Либан, откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди напад врз упориштето на Хезболах во Бејрут.
Ова би бил дури трет ваков напад врз либанската престолнина од почетокот на примирјето меѓу Израел и Либан, кое во пракса се покажа како многу кревко. Иранскиот министер за надворешни работи порача дека САД и Израел се „одговорни за последиците од секое прекршување на примирјето на сите фронтови“. Против израелскиот напад се огласија и главниот ирански преговарач Мохамад Багер Галибаф, како и претставници на иранската војска, кои исто така предупредија на можните последици.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата